Линкови за пристапност

Откриени 94 случаи на потврдено или наводно малтретирање на затвореници во Ирак и Авганистан - 2004-07-23


Главниот армиски инспектор, генерал-полковникот Пол Миколашек пред сенатската Комисија за вооружени служби кажа дека не открил докази за проблеми во системот што придонеле за малтретирање на затворениците.

Наместо тоа, тој рече дека поголемиот дел од малтретирањата биле резултат на тоа што офицерите не применувале адекватни техники на испрашување.

„Најдовме дека обуката и контролата на овие правила биле недоследни, но исто така не можевме да потврдиме инстанца на која употребата на одобрена техника довела до злоупотреба“, рече тој.

Вршителот на должност секретар на армијата, Ли Браунли, одговори на општите заклучоци на генералот:

„Овие инциденти не ги претставуваат принципите на армијата, нејзината доктрина или обуката на војниците. Овие дејствија, за жал, се девијации во споредба со акциите на стотици илјади наши војници кои се во активна служба и продолжуваат да служат во целиот свет со достоинство и чест“,вели Браунли.

Против седуммина војници се подигнати обвиненија во врска со скандалот со малтретирање на затворениците.

Главните воени власти го побараа извештајот на главниот инспектор во февруари, по обвиненијата што се појавија за малтретирањето на ирачките притвореници во затворот Абу Граиб крај Багдад.

Во него се наведува и дека во извештајот на Меѓународниот комитет на Црвениот Крст во февруари било наведено дека припадници на военото разузнавање користеле физичка или психолошка принуда за да изнудат признанија или соработка.

Но главниот инспектор, генералот Миколашек кажа дека неговата истрага не постапила по обвинувањата од Црвениот Крст.

Оваа изјава предизвика лута реакција од сенаторот Џек Рид, кој е Демократ од Род Ајленд:

„Вие не сте ја истражиле подготвеноста на синџирот на команда што е очигледна во јасните извештаи за малтретирањата. Ми изгледа дека ова е само потврдување на заклучокот дека има само пет или шест војници кои застраниле. Мислам дека не сте ја завршиле работата што требаше да ја завршите“рече тој.

Во извештајот на главниот инспектор исто така се наведува дека меѓу октомври 2001 и јуни оваа година, САД држеле над 50 илјади затвореници во Авганистан и Ирак.

XS
SM
MD
LG