Бугарскиот министер за надворешни работи Соломон Паси вели дека неговата земја е на пат да и се приклучи на ЕУ на 1 јануари 2007. Тој се обрати на форумот во Центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон.
Г-динот Паси вели дека ЕУ регистрирала три важни достигнувања во изминативе неколку години. Меѓу нив се воведувањето на еврото во 1999, проширувањето на Унијата со десет нови членки, од кои осум од Источна Европа и овогодишниот договор за новиот европски Устав. Подоцна годинава земјите-членки на ЕУ ќе го започнат процесот на ратификација на Уставот.
Г-динот Паси, 37-годишниот математичар и комјутерски експерт, вели дека и Бугарија забележала значителни успеси, вклучувајќи го овогодинешното членство во НАТО, определбата наскоро да стане членка на ЕУ и импресивните пет проценти економски растеж. Г-динот Паси истакна дека Бугарија се залага од Унијата да добие помош од преку четири милијарди долари.
Бугарија годинава е преседавач на ОБСЕ со седиште во Виена, кое брои 55 земји меѓу кои Русија и САД. Во таа функција, г-динот Паси неодамна го посети Косово и сцената на анти-српските немири во март што резултираше со преку 1.000 лица кои останале без домови. Г-динот Паси рече дека Албанците на Косово не можат да очекуваат дека ќе имаат корист од меѓуетничкото насилство.
„Ова им го кажавме на сите лидери на косовските Албанци. Имавме средби и со претставници на тамошното српско малцинство. Ги посетивме камповите каде беа одведени бездомниците. Ова е трагедија, голема трагедија“, рече тој.
Г-динот Паси не се изјасни дали ја поддржува идејата за независно Косово, каде мировниците на НАТО и натаму се одговорни за редот и мирот пет години откако бомбардирањето на Алијансата, беше причина српските сили да се повлечат од покраината.