Линкови за пристапност

Портрет на  Тереза Хејнц, сопругата на Џон Кери - 2004-07-22


Родена во Мозамбик и чии родители се од Португалија, Тереза Хајнц Кери студирала во Африка и Швајцарија и говори пет јазика. Таа е мајка на три сина од претходниот брак со починатиот сенатор Џон Хајнц од Пенсилванија. Кога тој загина во авионска несреќа во 1991-та година, таа го наследи богатство на компанијата Хајнц кечап.

Г-ѓа Кери во моментов раководи со фондациите на компанијата вредни 1,2 милијарди долари, од каде се донираат милиони долари годишно во области каде таа е особено активна - животната околина, уметноста и правата на жените и децата.

Г-ѓа Кери и сенаторот Кери се во брак од 1995 година, а во изминативе неколку месеци таа е редовно присутна во изборната кампања, зборувајќи во име на својот сопруг. Сепак, г-ѓа Кери не придава големо значење на нејзината улога.

“Не сум дел од стратешкиот тим на кампањата, јас сум само сопруга. Не присуствувам на состанице на изборниот штаб - никако“, вели госпоѓа Хејнц.

Но таа не порекнува дека како негова сопруга, има некакво влијание.

“Секако дека можам да имам влијание, секоја сопруга или сопруг би го имал тоа. Но да се влијае на политиката, тоа е нешто друго. Тоа никогаш не би го земала предвид. Доколку ми платат, можеби. Тогаш треба да ме слушат мене“, вели таа.

Г-ѓа Кери ги изложи своите гледишта во јавноста, изразувајќи го нејзиното незадоволство, меѓу другото, од политиката на Републиканците за животната околина, даночно скратување на претседателот Буш и надворешната политика.

“Јас имам свои мислења, доколку немав свои мислења, ќе бев смешна“, смета таа.

На нејзината искреност некои гледаат како на опасност, но сопругот Џон Кери не е загрижен поради тоа.

“Таа ми е сопруга, таа е тоа што е, ја сакам заради нејзината отвореност. Сметам дека тоа е шармантно и искрено и мислам дека луѓето ја сакаат искреноста“, вели господинот Кери.

Џереми Мејер е политички аналитичар во Универзитетот Џорџ Мејсон во близината на Вашингтон. Тој смета дека г-ѓа Кери може само да му помогне на својот сопруг во кампањата.

“Мислам дека таа придонесува Кери да биде подобар пред публика. Доколку немаше таков вид на темпераментна сопруга каква што е г-ѓа Кери, тој би бил уште помонотон, каков што е претставуван. Таа само додава живост“, вели господин Мејер.

Прашањето е, како гласачите гледаат на г-ѓа Кери и дали тоа ќе има некакво влијание при нивниот избор на ноемвриските претседателски избори.

XS
SM
MD
LG