Линкови за пристапност

Кампања на Буш во Вашингтон  - 2004-07-22


Претседателот Буш беше голема атракција на синоќешната вечера на Републиканската партија, од која се очекуваше да бидат собрани над 22 милиони долари за кандидатите за Конгресот. Како што известува Пола Волфсон, г-динот Буш нашироко говорел за причините зошто треба да се добие уште еден мандат во Белата куќа.

Изборната порака на претседателот очигледно е во транзиција.

По повеќемесечни напади врз неговиот најверојатен противкандидат од Демократската партија, Џон Кери, г-динот Буш сега вниманието го насочува на иднината. Целта е на гласачите да им се даде јасна слика за она што тој би го направил во текот на вториот претседателски мандат.

“Како резултат на нашите активности, нашата економија е посилна, нашите училишта се подобри и нашата земја е побезбедна. Ние направивме пресврт и нема враќање назад. Во неделите што се пред нас ќе изложам платформа што ќе биде во полза на оваа напредна и способна земја“, рече госпдоинот Буш.

Во говорот пред членовите на партијата во огромниот Конвенциски центар во Вашингтон, претседателот не изложи некакви конкретни планови. Но, тој јасно кажа дека има слух за загриженоста на некои партиски активисти кои се уверени оти тој треба на американскиот народ да му каже што сака да направи во следните 4 години. Тие посочуваат на истражувањата на јавното мислење кои покажуваат дека поддршката за работата на претседателот опаднала на под 50 проценти и оти кампањата за реизбор се чини ќе биде потешка отколку што се очекуваше.

Во претстојните недели, г-динот Буш ќе објави повеќе детали од програмата за неговиот втор мандат, во рамки на својата засилена кампања низ земјата. Доколку неговото обраќање до партиските лидери во Вашингтон беше некаква индикација, акцентот ќе биде подеднакво ставен и на домашната, и на надворешната политка.

Тој кажа дека на домашен план негов приоритет ќе биде општиот концепт на сопственост, при што владата ќе обезбедува начини да им помага на Американците да купуваат домови, да ги осигураат пензиските сметки и да основаат мали бизниси.

“Ние ќе воведеме нова ера на сопственост во Америка, со програма да им се помогне на сите наши граѓани да штедат, да градат и да инвестираат, така што секој човек ќе поседува дел од американскиот сон“, рече господинот Буш.

Потсетувајќи на терористичките напади од 11 септември 2001 година, г-динот Буш вети дека неговата надворешна политика ќе ги направи Америка и светот побезбедни и помирни.

“Во следните 4 години, ние ќе продолжиме да ја браниме нашата татковина. Ќе продолжиме да ги поразуваме терористите во странство. Сепак, на долги патеки, нашата безбедност бара повеќе. Мора да работиме на промена на условите што придонесуваат за подем на тероризмот на Блискиот исток“, кажа господинот Буш.

Претседателот не се откажа целосно од нападите врз Џон Кери – тој го нападна сенаторот од Масачусетс поради тоа што гласал против неговото барање за финансирање на војната во Ирак. Но, неговите коментари беа поблаги во споредба со претходно, и на нив посвети само пет минути од својот говор.

XS
SM
MD
LG