Линкови за пристапност

Извештајот на Комисијата за 11 септември  пред објавување - 2004-07-21


Се очекува Комисијата во детали да изложи како американските претставници ги пропуштиле можностите за осуетување на нападот од пред три години, но нема да потврдат дека насилството можело да биде спречено.

Заклучоците би можеле да му нанесат политичка штета на претседателот , посебно со тоа што извештајот се објавува неколку дена пред конвенцијата на Демократската партија каде се очекува опозиционерите да го критикуваат г-динот Буш за начинот на кој ја води борбата против тероризмот.

Портпаролот на Белата куќа Скот Мекклилан вели дека администрацијата на Буш нема никакви сознанија кои би сугерирале дека нападите можеле да бидат спречени. Тој додава дека претседателот во моментов е сконцентриран на подобрување на разузнавањето за да се осигура дека ваков напад никогаш повеќе нема да се случи.

Пред објавувањето на извештајот, претседавачот со Комисијата ги брифираше советникот за национална безбедност Кондолиза Рајс, советникот во Белата куќа Алберто Гонзалез и шефот на кабинетот Eнди Кард. Г-динот Мекклилан рече дека тие потоа ќе го информираат претседателот за заклучоците на комисијата пред тој денеска формално да го добие извештајот.

Г-динот Буш вели дека едвај чека да ги чуе заклучоците:

„Ќе продолжам да соработувам со Конгресот и државните и локалните влади за спроведување на подобрувањата на домашната безбедност. Секој Американец треба да биде сигурен дека неговата влада ќе продолжи да презема се што е во нејзина моќ за спрелување на терористички напад“

Белата куќа на почетокот се противеше на формирањето комисија, по што се обиде да го ограничи периодот на нејзиното работење. Претседателот Буш конечно се согласи да се сретне со членовите на комисијата, но само под услов да настапи заедно со потпретседателот Дик Чејни. Ниту еден од нив не зборувал под заклетва, ниту тие средби биле снимани и било дозволено само една личност да води белешки.

Претставници на администрацијата велат дека овие овие мерки биле преземени во интерес на националната безбедност и заради почитувањето на поделбата на власта.

XS
SM
MD
LG