Линкови за пристапност

вести за 21 јули - 2004-07-21


Комисија за 11 септември 2001

Американските медиуми велат дека во финалниот извештај на Комисијата што води истрага за нападите од 11 септември, ќе бидат споменати до 10 пропуштени можности да се спречат грабнувачите на авионите со кои беа извршени нападите, но нема да посочи дека нападите можеле да се спречат.

Телевисиската мрежа Ен-Би-Си и Вашингтон Пост велат дека меѓу пропуштените можности ќе се наведе неуспехот на ЦИА да следи двајца од грабнувачите и неколкуте неуспешни обиди да се убие лидерот на Ал-Каида Осама бин Ладен.

Комисијата треба да го објави извештајот на околу 600 страници во текот на утрешниот ден.

Претседателот Буш денеска изјави дека со нетрпение чека да го погледне извештајот и дека американската Влада прави се што е во нејзина моќ да спречи друг терористички напад.

Заштита од биолошки напад

Претседателот Буш денеска го потпиша законот со кој и се одобрува на владата да купува и да прави резерви на лекови за заштита на Американците од биотерористички напад.

На церемонијата во Белата куќа претседателот Буш кажа дека законот е дел од пошироката стратегија за одбрана на САД од оружје за масовно уништување.

Проектот “Биоштит“ во вредност од 5,6 милијарди долари е гарантиран пазар за компаниите за лекови да произведуваат и да складираат лекови за антракс, ботулизам и големи сипаници.

Приватните компании за лекови не се решаваа да произведуваат вакви лекови без гарантиран купувач.

Овој проект од 10 години на владата и одобрува истражувања, производство и дистрибуција на лекови, но и на некои експериментални третмани во итни случаи.

Пронајдена главата на американскиот заложник

Саудиски претставници велат дека безбедносните сили ја откриле главата на американскиот заложник Пол Џонсон во упад во засолниште на милитанти во саудискиот главен град, Ријад.

Саудиските власти ги бараа останките на господинот Џонсон откако Ал-Каида го обезглави на 18 јуни.

Властите велат дека двајца осомничени милитанти денеска биле убиени, а двајца биле фатени при упадот, чија цел бил новоименуваниот лидер на терористичките операции на ал-Каида во кралството, Салех ал-Авфи. Полицијата исто така запленила оружје, вклучувајќи и проектил земја-воздух.

Безбедносните сили го убиле претходникот на Салех ал-Авфи минатиот месец, неколку часа откако исламска веб-страница покажа слики на останките на господинот Џонсон по отсекувањето на главата.

Не се знае дали Салех ал-Авфи е меѓу убиените или повредените по денешниот упад.

Терористите се закануваат во Европа

Група која себе си се нарекува европски огранок на ал-Каида се закани на Полска и Бугарија со крвопролевање доколку земјите не ги повлечат нивните трупи од Ирак.

Претходно непознатата организација предупредувањето го објави денеска на една исламска веб-страница заканувајќи се на Бугарија со „реки од крв“ доколку земјата не ги повлече своите трупи. Таа исто така кажа дека потфрлањето на полскиот премиер Марек Белка да ги повлече полските трупи од Ирак ќе доведе до, како што вели групата, „звуци на експлозии“.

Бугарскиот претседател Горги Прванов кажа дека терористичката закана нема да ја принуди неговата држава да ги повлече трупите. Зборувајќи во Берлин, дека ако сега се попушти, тоа само ќе охрабри нови такви барања.

Полскиот заменик министер за одбрана Јануш Земке кажа дека неговата земја нема да потклекне под теростички притисок.

Официјалните лица не можат да ја верификуваат автентичноста на групата или на изјавите.

Ратко Младиќ не се предава

Босанската полиција безуспешно ја заврши општата потрага по осомничените за воени злосторства во југоисточна Босна и Херцеговина.

Властите не открија други детали за денешните операции и одбија да кажат дали се барал некој конкретно. Меѓутоа, претходните потраги на НАТО во регионот беа фокусирани на воениот лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ.

Српскиот весник Блиц денеска објави изјава на обвинетиот за воени злосторства Ратко Младиќ дека нема намера да им се предаде на властите. Судот на ОН за воени злосторства во Хаг ги обвини Караџиќ и Младиќ за злосторства против цивили, како и за геноцид за време на балканските конфликти во 90-те.

Меѓународната заедница врши силен притисок врз поранешната југословенска република да осработува со трибуналот и да ги предаде осомничените.

Ирак

Милитантна група во Ирак зела во заложништво шестмина странски возачи на камиони и се заканува декка на секои 72 часа ќе му ја отсекува главата на еден од нив доколку нивните земји или нивните сограѓани не се повлечат од Ирак.

На видео-снимката испратена до медиумите, се гледаат маскирани вооружени лица заедно со заложниците, од кои двајца се Кенијци, тројца Индијци и еден Египќанец. Киднаперите бараат и кувајсткиот работодавач на заложниците да престане да работи во Ирак.

Во меѓувреме, три лица загинале во експлозија на автомобил бомба во јужниот дел на Багдад. Уште двајца загинале, а четворица биле повредени кога проектил погодил една болница во главниот град.

Северно од Багдад во експлозија на бомба крај пат загинале американски војник, а шестмина биле повредени.

Американските Маринци се судриле со вооружени лица во Рамади, западно од Багдад. Според првичните извештаи, загинале четири лица, а 14 биле повредени.

XS
SM
MD
LG