Линкови за пристапност

Српскиот претседател Борис Тадиќ во посета на Вашингтон - 2004-07-20


Соработката на Србија со Хашкиот трибунал, иднината на Косово и економската и воена соработка биле теми на вчерашните средби на српскиот претседател Борис Тадиќ со американскиот државен секретар Колин Пауел, секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд и лидерите во американскиот Конгрес.

Тридневната посета на Вашингтон е прво меѓународно патување на српскиот претседател Борис Тадиќ од неговиот неодамнешен избор на функцијата. „Со изборот на Тадиќ, Србија покажа желба за реформи“, изјави државниот секретар Колин Пауел по средбата со лидерот на Србија во Стејт Департментот. Една од темите бил и случајот со генералот Ратко Младиќ, кој Вашингтон и Брисел го сметаат за клучна пречка за евроатлантската интеграција на Србија и Црна Гора. Претседателот Борис Тадиќ изјави дека станало збор за соработката со Меѓународниот трибунал во Хаг, за индустиската и стопанска соработка меѓу Белград и Вашингтон и за конечниот статус на Косово. „Ставот на Вашингтон е непроменет“, рече секретарот Пауел, додавајќи дека прво е потребно да се постигнат демократски стандарди на Косово, а дури потоа да почнат разговорите за конечниот статус. Според српскиот претседател, планот за децентрализација предложен од Белград е добра рамка за решавање на конечниот статус на Косово. Ситуацијата на Косово тој ја оцени како нестабилна, додавајќи дека Србија мора да соработува со САД, посебно на планот на заштитата на српското малцинство на Косово. Тадиќ исто така смета дека членството на Србија и Црна Гора во евроатлантските институции е клуч за стабилноста и безбедноста на регионот, вклучувајќи ја и ситуацијата на Косово.

Иднината на Косово била тема и на разговорите на српскиот претседател на Капитол Хил, на кои присуствувале претседавачот на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес Денис Хастерд и лидерите на републиканското мнозинство и демократското малцинство Том Дилеј и Ненси Пелоси.

„Имавме и исти, и различни мислења за иднината на Косово и Метохија. Мојот став беше дека секоја промена на границите е многу опасна за Балканот. Имаше ставови дека е невозможно менување на границите, имаше ставови за можни размислувања за независност на Косово. Мојот став беше дека внатре во рамките на автономијата на Косово, која треба да биде исклучително голема, треба да биде обезбедена и автономија за Србите, значи зборувавме за децентрализација“, изјави г-динот Тадиќ.

Во Пентагон, српскиот претседател Борис Тадиќ и американскиот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд разговарале за српско-американската соработка на воен план и американската помош за воените реформи.

XS
SM
MD
LG