Линкови за пристапност

Претседателот Буш е отворен за реформи во американското разузнавање - 2004-07-19


Комисијата што ги истражува терористичките напади врз САД од 11 септември 2001, се очекува оваа недела да побара промена во командата на разузнавачката заедница.

Има силни сигнали дека членовите на Комисијата ќе побараат од претседателот во неговиот кабинет да назначи национален директор на разузнавањето. Таа личност треба да ја следи работата на сите ентитети на американското разузнавање, вклучувајќи ги ЦИА, Еф-Би-Ај, делови од Пентагон и уште многу други агенции.

Целта ќе биде да се корегира неефикасноста и разните канцеларии низ земјата да работaт координирано.

Вршителот на должноста директор на ЦИА, Џон Меклафлин во неделата изјави дека не му се допаѓа оваа идеја и истакна дека само ќе се додаде непотребен слој на бирократија. Кога му беше побаран коментар, претседателот Буш одби да заземе страна. Тој истакна дека препораките на Комисијата се уште не се објавени и дека би сакал да има шанса да ги проучи пред да донесе оценка.

„Очекувам да ги видам тие препораки. Тие имаат исти желби како и јас, односно да се осигура претседателот и Конгресот да добиваат најдобри разузнавачки податоци“, вели г-динот Буш.

Заклуоците и препораките на Комисијата треба да бидат објавени во четврток, само неколку недели откако истражителите за Сенатот го објавија нивниот извештај за пропусти во разузнавањето.

Џорџ Тенет кој раководеше со ЦИА за време на нападите на 11 септември и остана на функцијата за време на војната во Ирак, поднесе оставка. Претседателот Буш беше запрашан дали е подготвен да назначи нов директор.

„Се уште размислувам за тоа. Ќе ви кажам кога тоа ќе се случи. Знам дека интензивно се шпекулира. Луѓето добиваат се повеќе надеж. Но јас се уште размислувам“, истакна американскиот претседател.

Има две различни мислења околу именувањето на постојана замена на Џорџ Тенет. Некои велат дека е од суштинско значење да се делува брзо, со оглед на потребите на војната против теророт. Други пак велат дека можеби е добра идеја да се почека по претседателските избори во ноември, бидејќи назначувањето што би било испратено во Сенатот среде кампањата може да биде во центарот во долга политичка дебата.

XS
SM
MD
LG