Испитувањата на јавното мислење покажуваат дека многумина Американци се уште не го познаваат г-динот Кери доволно добро иако тој формално ќе ја прифати претседателската номинација од Деморкатската партија на 29 јули.
Преседавачот со демократскиот организационен одбор, Тери Меколиф вели дека конвенцијата во Бостон ќе има за цел пред американскиот народ повторно да се претстави сенаторот Кери и кандидатот за потпретседател, сенаторот Џон Едвардс.
„Тие четири дена во Бостон ќе ги искористиме Џон Кери и Џон Едвардс на Америка да го претстават своето минато, својата способност и својата визија за тоа што треба да сторат за повторно да има напредок во земјата“, истакна г-ѓа Меколиф.
Таа вели дека тема на овогодишната конвенција на Демократите ќе биде: „Посилни дома и почитувани во странство“.
Сенаторите Кери и Едвардс ќе бидат главните говорници на настанот, а меѓу останатите истакнати личности кои ќе имаат свои обраќања ќе бидат поранешните претседатели Џими Картер и Бил Клинтон, како и поранешниот потпретседател Ал Гор. Како дополнение за време на конвенцијата ќе му се оддаде признание на долгогодишниот сенатор од Масачусетс, Тед Кенеди.
И Републиканците се подготвуваат за нивната четиридневна конвенција во Њујорк. Меѓу поважните говорници се гувернерот на Калифорнија, Арнолд Шварценегер, сенаторот од Аризона Џон Мекејн, поранешниот градоначалник на Њујорк Рудолф Џулијани, како и потпретседателот Дик Чејни. Г-динот Буш се очекува да говори на 2 септември, кога ќе ја прифати номинацијата за неговиот втор мандат.
Републиканците се очекува да се фокусираат на придобивките на политиката на претседателот во борбата против тероризмот и за неговите напори за подобрување на домашната економија.
Американските политички конвенции датираат уште од 1830-те при што на собирите на партиските активисти биле номинирани претседателски кандидати во период од преку 100 години.
Во модерната ера на конвенциите, партиските активисти заедно со делегатите се собираат и ја изразуваат својата поддршка за кандидатот кој е избран по серија партиски предизбори.
Политичкиот аналитичар од Вашингтон, Стјуард Ротенберг, вели дека главната улога на конвенциите во денешни услови е да претставуваат четиридневна медиумска реклама за номинираните претседателски кандидати.
„Ова се сега медиумски настани. Ова е можност за претседателскиот кандидат, не за партијата, да се претстави себеси и кандидатот за потпретседател и да ја изнесе саканата порака, која на крај ќе биде генералната изборна порака“, вели господинот Ротенберг.
Но поради тоа што модерните политички конвенции се толку предвидливи и однапред обмислени, експертите велат дека тие имаат помало влијание на гласачите, во споредба со порано.
Сепак, политичките партии се обидуваат да организираат успешни конвенции со кои би се подобрил рејтингот на нивните кандидати во периодот на финаланата изборна кампања која ќе кулминира на 2 ноември.
Историски, рејтингот на кандидатите по конвенциите се зголемува 10 или повеќе проценти, но годинава ќе биде поинаку.
Карлин Бауман е експерт за јавно мислење од американскиот Ентерпрајз институт во Вашингтон.
„Сметам дека во оваа мошне тесна изборна трка, веројатно е нереално да очекуваме дека Кери или Буш ќе добијат поголем рејтинг по нивните конвенции“, вели Бауман.
Историјата покажува и дека политичките конвенции се магнет за разни протести. Оваа година, обезбедувањето е особено фокусирано на републиканската конвенција во Њујорк, каде последната недела од август, десетици илјади демонстранти ќе излезат да го изразат своето незадоволство од политиката на претседателот Буш.