Нелсон Mандела предупреди дека историјата остро ќе го осуди светот доколку не ја искористи потребната енергија и ресурси за борба против СИДА-та. Денеска, тој ги повика донаторите да обезбедат повеќе пари, посебно за Глобалниот фонд за борба против СИДА-та, туберкулозата и маларијата.
“Потребно е да изградиме парнерство меѓу јавниот и приватиот сектор што е визија на Глобалниот фонд. Упатуваме предизвик до сите веднаш да го помогнат финансирањето на Фондот“, вели господинот Мандела.
„Финансирајте го Фондот“ беше мотото кое го извикуваа демонстрантите на конференцијата. Тие ги критикуваа САД и другите богати земји дека не даваат доволно средства во Глобалниот фонд.
Говорејќи на затворањето на 15-та Меѓународна конференција за СИДА-та во Банкок, г-динот Мандела повика на признавање на човековите права на заразените со вирусот ХИВ и заболените од СИДА, посебно на оние кои спаѓаат во најризичните групи како бегалци, интравенозни наркомани и проститутки.
Г-динот Мандела вели дека тој го прекинал пензионирањето за да говори на оваа конференција и да ја истакне итноста за преземање мерки против епидемијата.
Тој в недла ќе наполни 86 години, и како роденденски подарок од лидерите побара повторно заложба за борба против СИДА-та.
“Знаеме што треба да се стори, и се што недостасува е волја тоа да се направи. Дозволете ми да уживам во пензионерските денови со тоа што ќе покажете дека можете да се справите со предизвикот“, изјави господинот Мандела.
На церемонијата на затворање говореше и Соња Ганди, лидер на индиската владејачка партија, која кажа дека нејзината земја е решена за борба против епидемијата. Индија е на второто место по бројот на заразени со ХИВ вирусот во светот.
Г-ѓа Ганди рече дека нејзината влада го зголемува финансирањето на програмите за СИДА и ќе започне со обезбедување на третмани за лицата заразени од ХИВ и заболени од СИДА.
“Многумина во мојата земја веруваат дека ние не посветуваме доволно внимание на ХИВ и СИДА-та во споредба со трошоците за туберкулоза и маларија, на пример. Но актуелната влада не го дели ова мислење“, вели госпоѓа Ганди.
Бидејќи на конференцијата не беа соопштени некои големи напредоци во однос на вакцина или третман на болеста, науката едноставно беше засената од политичките дебати за финансирањето и методите на превенција. Критичарите обвинуваат дека американската политка премногу се фокусира на апстиненцијата од сексуални односи, а недоволно на употребата на кондоми. Но американските делегати велат дека Вашингтон поддржува голем број различни стратегии за борба против СИДА-та.
Демонстрантите кои протестира против цената на лековите и американската политка за СИДА-та прекинуваа некои од говорите и оштетија екрани на кои се рекламираа некои фармацевтски компании. Но организаторите ја сметаат конференцијата за успешна.