Линкови за пристапност

Договорот за децентрализација - позитивен чекор за Македонија  - 2004-07-15


Според Стејт департментот, договорот меѓу коалиционите партнери ја зацврстува локалната демократија на ниво на општини, притоа целосно почитувајќи ги одредбите на Охридскиот договор.

„Веруваме дека договорот, постигнат по долги и интензивни разговори меѓу коалиционите партнери, ја претставува определбата на владината коалиција за формирање на обединето мултиетничко општество, за одржување на локалните избори закажани во октомври и за промовирање на својата долгорочна цел за европска интеграција“, вели Чарлс Инглиш, во телефонскиот разговор со Гласот на Америка на македонски јазик.

Честитајќи и на Македонија за, како што кажа, преземањето на овој важен чекор, господинот Инглиш ги повика македонските политички и граѓански организации да гарантираат дека земјата и натаму ќе бележи напредок и за други суштински реформи, вклучувајќи ги законите за употребата на јазиците и симболите, и тоа да го стори на консензуален и демократски начин.

„Сакам да истакнам дека ја поздравуваме државничката улога на претседателот Црвенковски при постигнувањето на овој договор, а особено ја поздравуваме клучната улога на премиерот Костов при неговото уговарање, а му честитаме и на лидерот на ДУИ, Али Ахмети за неговата конструктивна улога во овој процес“, кажа господинот Инглиш.

Запрашан да го коментира ставот на македонската опозиција дека договорот на коалиционите партнери води кон федерализација на Македонија - г-динот Инглиш вели: „Тоа е позитивен чекор напред, што, веруваме, ќе биде добредојден за напорите на Македонија да напредне во својата цел за европска интеграција. Европската унија и многу нејзини земји-членки веќе позитивно реагираа на овој вид на договор. Со постигнувањето на овој договор и со доведувањето на демократијата поблиску до народот, македонската Влада покажува дека има чувство за традициите и културите на етничките заедници во Македонија и дека ја признава важноста на македонската мултиетничка традиција.“ Ние ги поздравуваме ваквите нешта, рече Чарлс Инглиш во изјавата за Гласот на Америка на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG