Линкови за пристапност

Претседателски избори во САД: Чејни останува во изборната трка  - 2004-07-15


Претседателскиот кандидат на демократите Џон Кери синоќа говореше пред Националната асоцијација за напредок на обоените луѓе, една од водечките организации за граѓански права во земјата, апелирајќи да добие што е можно повеќе гласови од нив. Претседателот Буш одби слична покана да одржи говор, поради, како што смета, непријателскиот став на оваа организација кон неговата администрација.

Имајќи на ум дека Афро-американците се едни од најлојалните гласачи на Демократската партија, сенаторот Кери на конвенцијата на Националната асоцијација за напредок на обоените во Филаделфија апелираше за поддршка.

Сенаторот Кери посочи на одлуката на претседателот Буш да не зборува на оваа конвенција, поради тоа што претседателот верува оти раководството на оваа организација има непријателски став кон неговата влада. “Ќе бидам претседател кој ќе биде вистински обединувач, а не некој кој ќе сака да ја подели нацијата според расата, богатството или по други основи. Претседателот можеби е премногу зафатен за да зборува пред вас сега, но имам добри вести за вас. Тој по 2 ноември ќе има време колку што сака“, изјави сенаторот Кери.

Претставници на Белата куќа сметаат дека Националната асоцијација за напредок на обоените, која е најстара организација за граѓански права во земјата, одамна ја минала границата на граѓанско и натпартиско однесување, меѓу другото и со тоа што г-динот Буш го нарекува нелегален претседател.

Портпаролот на претседателот Скот Меклилан за новинарите изјави дека г-динот Буш е горд да води кампања за реизбор врз основа на неговата досегашна политика на расна севклучителност.

“Тој има докажани активности во правец на подобрување на квалитетот на животот на сите Американци и докажани активности за излегување во пресрет на сите Американци. Навистина е разочарувачки да се види како сегашното раководство на Националната асоцијација за напредок на обоените продолжува да ја повторува непријателската реторика која ја користеше, која навистина покажува дека нив не ги интересира конструктивен дијалог“, изјави портпаролот на Белата куќа.

Пред четири години, господинот Буш доби околу 10 проценти од гласовите на афро-Американците, додека Ал Гор го освои остатокот.

Покрај тоа, претставниците на Белата куќа велат дека нема вистина во шпекулациите што се појавија во јавноста дека потпретседателот Дик Чејни може да се повлече од изборната трка.

Во интервјуто за јавната телевизија Си-Спен, потпретседателот кажа дека претседателот го уверил дека сака со него заедно да се кандидираат за изборите оваа година.

“Дека јас сум човекот што тој го сака за оваа функција, не само како кандидат, туку и како некој кој ќе биде дел од владејачкиот тим. Беше мошне јасно дека не сака да го растури тимот“, изјави господинот Чејни.

Демократите се подготвуваат да ја одржат нивната конвенција за номинација на претседателскиот кандидат кон крајот на овој месец во Бостон. Републиканците ќе се соберат во Њујорк на нивната конвенција на крајот на август.

XS
SM
MD
LG