Претседателот Џорџ Буш овонеделната кампања ја започна со темата – традиционални вредности. Во редовното неделно радио обраќање, тој апелираше до американскиот Сенат да го усвои уставниот амандман со кој се забрануваат хомосексуалните бракови.
“Поднесувањето на амандман на Уставот не е нешто што би требало да се прави секој ден. Но, кога станува збор за одбрана на бракот, нашата земја нема друг избор“, изјави претседателот Буш.
Дебатата во Сенатот траеше три дена и амандманот не беше усвоен. Потенцијалниот претседателски кандидат на демократите Џон Кери, кој е против уставен амандман за забрана на хомосексуалните бракови, во својата кампања рече дека конзервативците се обидуваат да манипулираат со прашањето на традиционалните вредности.
“Од администрацијата слушнавме многу за вредностите. Но, вредностите не се прашања што треба да му се наметнат на американскиот народ за да се предизвикаат поделби меѓу луѓето“, смета сенаторот Кери.
Ситуацијата во Ирак се чини дека и натаму претставува политички проблем за претседателот, имајќи ги предвид најновите истражувања на јавното мислење, што покажуваат дека 55 проценти од испитаниците не се согласуваат со неговата политика во однос на Ирак. Во текот на овонеделната кампања, претседателот ја бранеше својата одлука за инвазија на Ирак.
“Иако не најдовме залихи на оружје за масовно уништување, ние со право појдовме во Ирак“, кажа господинот Буш.
Од своја страна, сенаторот Кери смета дека – “Не е доволно само да се држат говори. Америка ќе биде побезбедна само кога ќе има резултати. Фактите зборуваат сами за себе“.
Според Одделот за домашна безбедност, факт е дека Ал-Каида планира напад за време на изборната кампања, можеби за време на националните конвенции на една од партиите. Дури беше покренато и прашањето дали да се одложат ноемвриските претседателски избори доколку во меѓувреме се случи терористички напад. Но, засега тоа е само тема на дискусија.
Теми на кампањите, што напати повеќе наликуваа на рок-концерти отколку на средби за собирање на финансиски средства, беа и економијата, даноците, здравствената заштита и работните места.
Обете партии продолжуваат со подготовките за своите национални конвенции. Демократите за две недели ќе се сретнат во Бостон, каде акцент во претставувањето на сенаторот Кери ќе биде ставен на неговата воена служба, за која има добиено и одликување. Како на мотото - „силен дома, почитуван во светот“. Конвенцијата на републиканците ќе се одржи кој крајот на август во Њујорк.