Иако тој и се заблагодари на ЕУ дека е најголем донатор на хуманитарна помош во неговата земја, господинот Зебари побара поголема улога на ЕУ во обновата на Ирак.
„Побаравме, всушност, поголема политичка застапеност на ЕУ во Ирак, дури и на ниво на канцеларија на ЕУ во Багдад, што би била добредојдена за ирачкиот народ“, кажа господинот Зебари
ЕУ веќе намени 371 милион долари во хуманитарна и помош за реконструкција на Ирак оваа година, и се очекува во 2005 да издвои иста сума пари. Но министрите на ЕУ му кажале на нивниот ирачки колега дека ќе почекаат додека се подобри безбедносната ситуација во земјата пред да донесат одлука за зајакнување на нивното присуство во Ирак.
Дипломатите на ЕУ велат дека Унијата во наредните недели ќе одлучи како може најдобро да и помогне на привремената ирачка Влада во промоција на демократијата, владеењето на правото и човековите права, но во соопштението што беше објавено по средбата со господинот Зебари не се споменуваат конкретни заложби.
Холандскиот министер за надворешни работи, Бернар Бот, чија земја претседава со ротирачкото претседателство на ЕУ, на новинарите им изјави дека заедно со неговите колеги побарал владата на господинот Зебари да не ја воведува повторно смртната казна, што ја укина американската окупациона управа пред да го врати суверенитетот на привремената ирачка администрација пред две недели:
„Ние сме против смртна казна и се надеваме дека ќе го продолжиме дијалогот по ова прашање. Но мислам дека пораката е многу јасна што се однесува до ЕУ“.
Некои членови на новата влада во Багдад предлагаат повторно да биде воведена смртната казна во ограничен период, додавајќи деka многу Ирачани сакаат да се примени за Садам Хусеин и за другите врвни личности од стариот режим.
Господинот Зебари кажа дека лично е против смртна казна, но на новинарите им изјави дека заради безбедносната ситуација во Ирак потребни се остри мерки.
„Новиот демократски и слободен Ирак што тежнееме да го формираме, исто така треба да нема смртна казна во своите закони. Од друга страна, се соочуваме со сериозни безбедносни и терористички закани на новиот поредок. Оние кои се борат против Ирачаните, кои убиваат недолжни Ирачани, се бесчуствителни и немаат совест. Потребно е новата влада да биде поодлучна и построга во своите акции за да се стави под контрола безбедносната ситуација“, кажа господинот Зебари.
Посетата на господинот Зебари на Брисел се совпадна со соопштението на Франција дека ги обновува дипломатските односи со Ирак, кои беа прекинати на почетокот на заливската војна во 1991 година. Европските дипломати велат дека потегот на Франција е знак за желбата на Париз да обезбеди учество на француските компании во потенцијално доходовните проекти за реконструкција на Ирак.