Линкови за пристапност

IREX: Состојбата со медиумите во Македонија во 2003 година се подобрила - 2004-07-09


Состојбата со медиумите во Македонија во изминатата година бележи напредок, прво, како резултат на стабилноста и политичката консолидација, а потоа и поради промените во сопственичката структура, посебно во печатените медиуми. Ова е резултат на панел дисусијата организирана од АЈРЕКС, каде група уредници, новинари и експерти од областа на медиумите ги дале своите оценки за слободата на говорот, нивото на професионалност, бројноста на медиумите, нивното управување и финансирање и институциите за поддршка на медиумите во Македонија.

Ситуацијата со слободата на говорот во Македонија во однос на медиумите во 2003 е најдобра во споредба со изминатите три години, но сепак, оваа уставно загарантирана категорија, според учесниците се соочува со недостатоци, поради слабиот пристап до информации. Или како што објаснува еден од учесниците на дискусијата во однос на предлог -законот за информирање „...тој ги регулира начините како граѓаните треба да го користат своето право за барање информации, но не е кои се обврските на државата во однос на давањето информации“. Македонија се опишува како „држава затворена за информации“ и во скалата од 1 до 4, оваа состојба добива оценка 2,2.

Професионализмот или објективното известување врз основа на вистински извори во 2003 година исто така бележи напредок, иако забелешките од учесниците во дискусијата се дека во некои случаи покривањето на настаните е незадоволително, како резултат на слабата мотивација поради малите плати и лошата уредувачка и сопственичка стурктура.

На тоа се надоврзуваат и стереотипите во однос на етничките прашања, што се огледува во различното интерпретирање на настаните во медиумските извештаи на јазиците на различни етнички групи.

Финансиската зависност на медиумите од различни извори води кон појава на автоцензура. На новинарскиот професионализам во Македонија, панелистите му даваат оценка 2,24.

Во 2003 година во Македонија имало 127 прватни електронски медиуми, три национални државни телевизиски канали, три национални државни радио станици и 29 државни локални електронски медиуми, 10 приватни дневни весници и 60 списанија. Генералната оценка е дека помал е изборот кај медиумите на јазиците на помалите етнички групи. Панелистте констатираат недостаток на полето на агенциско информирање, со постоењето на една државна агенција МИА, која според нив е релативно добра, но премногу блиска до власта и една приватна МАКФАКС, која е со слаба екипираност. Најголем дел од малите медиуми водат секојдневна битка за преживување, констатираат панелистите на АЈРЕКС, и тие главно се зависни од бизнисот на нивните основачи и нивната политичка определба, донации, владини субвенции и процент од радиодифузната такса. Од можни 4 поени, панелистите, поддршката што медиумите во Македонија ја имаат од страна на повеќе институции се оценува со 2,55 поени. Тука се истакнуваат Македонскиот институт за медиуми кој обезбедува обуки за новинарите, Здружението на новинарите на Македонија кое нуди заштита на новнарите, Универзитетот Кирил и Методиј каде постојат 4 - годишни студии за новинарство и Универзитетот за ЈИЕ во Тетово, каде исто така се обебедени курсеви за новнарство. Инаку, индексот за состојбата со медиумите е единствената студија која го анализира целокупниот медиумски систем во 20 земји од ЈИЕ и Евроазија, финансиран од Американската агенција за меѓународен развој.

XS
SM
MD
LG