Со спогодбата се бара суданската влада да продолжи со политичкиот процес во Дарфур „колку што е можно побрзо“, „да ја разоружа паравојската Џанџавид и да обезбеди пристап за хуманитарните групи до внатрешно раселените лица“.
На затворена видео-конференција од Кенија со членови на Советот за безбедност, господинот Анан им кажа да продолжат со притисокот за да се обезбеди имплементирање на спогодбата што е можно побрзо.
Главно црните Африканци се тероризирани и протерани од нивните домови од арапски милитанти во, како што велат ОН, најлошата хуманитарна криза во светот. Хуманитарните работници велат дека ситуацијата на 1,2 милиони раселени лица во регионот Дарфур е очајна.
Координаторот за итна хуманитарна помош при ОН, Јан Егеланд, кој го придружуваше господинот Анан на неговата посета на Дарфур, исто така присуствувал на средбата. Како резултат на договорот, тој кажа дека на хуманитарните работници за прв пат им бил дозволен пристап до Дарфур. Но тој ги опиша напорите за обезбедување помош како логистички кошмар. Господинот Егеланд кажа дека способноста на хуманитарните групи да им помогнат на внатрешно раселените лица ќе зависат од тоа дали меѓународната заедница ги исполнува дадените ветувања.
"Ние сега, за прв пат од почетокот на кризата, имаме пристап до внатрешно раселените лица . Ние или ќе бидеме во можност да нахраниме 1,2 милиони луѓе, да им донесеме вода и санитарни потреби како и здравствена грижа, или нема да успееме бидејќи немаме доволно обезбедување и средства. Би било иронично сега кога имаме пристап да не бидеме во состојба да спасиме животи бидејќи имаме само 40 проценти од она што побаравме, вели господинот Егеланд. "
Советот за безбедност побара група експерти да ја испита нацрт-резолуцијата на САД за воспоставување санкции на Џанџавид.
Новиот амбасадор на САД во ОН Џон Данфорт работел како специјален американски пратеник за Судан. Тој вели дека Судан мора да преземе акција овие неколку дена.
"Зборуваме за денови, за оваа недела. Ова е итно. Она за што навистина сме загрижени е дали владата на Судан само зборува и ветува, додека одлагањето значи смрт. Формулацијата на нацртот е важна. Ние сме расположени да дискутираме. Но вистинското прашање е за што е расположен Судан?“
Неколкумина членови на Советот за безбедност сакаат да се одложи акцијата за да се види каква акција ќе преземе суданската влада за разоружување на паравојската. Но мнозинството се чини дека претпочита санкции доколку спогодбата постигната со господинот Анан од саботата не се имплементира во наредните неколку дена.