Линкови за пристапност

Расправа во Сенатот за трговијата со луѓе - 2004-07-08


Во неодамнешниот извештај на Американскиот стејт департмент се проценува дека секоја година во светот меѓу 600 и 800 илјади луѓе се купуваат, продаваат и присилно се пренесуваат преку границите.

Со Законодавно-правната поткомисија која води истрага за овој проблем претседава сенаторот Џон Корнин, републиканец од Тексас.

Тој истакна дека во извештајот на Стејт департментот се наведува оти во САД околу 15.000 лица се принудени на присилна работа и сексуално ропство.

“Нивните животни приказни се трагични, вознемирувачки, трогателни, а актите на кои тие биле принудени не само што се противуставни и криминални туку се исклучително зли“.

Џозеф Метимано од христијанската хуманитарна организација Ворлд Вижн Интернешенал вели дека најчество жртви на сексуално ропство и трговија се деца.

“Водени од понудата и побарувачката овие противзаконски дејства се мултимилијардерски бизниси, а влијанието врз децата е катастрофално: долготрајни физички и психички трауми, болести меѓу кои ХИВ и СИДА, насилство, злоупотреба, зависност од дрога, несакана бременост, неухранетост, отфрленост од општеството, сиромаштија и во многу случаи и смрт“, вели тој.

Г-динот Метимано вели дека надвор од САД, многу фактори придонесуваат за пораст на сексуалната трговија со деца, меѓу кои сиромаштијата, неадекватни закони или неспроведување на закони, корупција на власта, недостаток на политичка волја и нискиот општествен статус на девојките во некои земји.

САД преземаат мерки чија цел е запирање на трговите со луѓе.

Во 2000 година, Конгресот усвои Акт за заштита на жртвите на трговија со луѓе, со кој се зајакнуваат федералните криминални закони и им се помага на жртвите, се поттикнува нивната соработка за да се спречи и други да ја доживеат нивната судбина.

Освен тоа, администрацијата на Буш ги зголеми активностите и изворите на финансирање за борба против ваквата трговија.

Американскиот јавен обвинител за јужната област на Тексас, Мајкл Шелби изрази задоволство од напредокот на Одделот за правда во изминатите три години.

“110 лица беа обвинети или осудени за дела поврзани со трговија со луѓе, што е три пати повеќе во споредба со претходниот тригодишен период. На крајот, имавме 77 пресуди, вклучувајќи 59 обвиненија поврзани со сексуална трговија кои се обезбедени од страна на Одделот во тие исклучителни три години“, рече господинот Шелби.

Но групите за заштита на човековите права велат дека треба уште многу да се стори.

Венди Патерн од Хјуман Рајтс Воч побара од американскиот Сенат да го ратификува Протоколот за трговија со луѓе, со кој од владите се бара трговијата со луѓе да се третира како криминал.

Таа исто така бара од САД да направат повеќе за заштита на жртвите на оваа трговија.

“Американската влада треба исто така да гарантира дека на сите лица кои биле дел од таа трговија ќе им се овозможи да останат во САД се додека трае кривичната или граѓанската постапка против некој од нивните злоставувачи и да обезбеди целосно спроведување на мерките со кои на жртвите кои се плашат од одмазда во нивните земји да им се дозволи да поднесат барања за постојан престој врз таа основа“.

Г-ѓица Патен вели дека на жртвите на трговија со луѓе им е потребно советување, медицински и прихолошки услуги, правна помош, дозвола за работа и обука и безбедно засолниште.

XS
SM
MD
LG