Линкови за пристапност

Клинтон: Неопходен е економски развој на Балканот - 2004-07-08


Поранешниот претседател Бил Клинтон вчера во една од вашингтонските книжарници на „Барнс и Нобл“ потпишуваше копии на неговата новоиздадена книга – мемоарите со наслов „Мојот живот“. Еве што изјави господинот Клинтон за една од поголемите епизоди во неговиот мандат – интервенцијата во Косово. „Книгата екстензивно се занимава со работата што ја извршивме на Балканот, прво во Босна, а потоа и на Косово и јас сум убеден дека со луѓето таму ужасно лошо се постапуваше и дека Соединетите Американски Држави и НАТО мораа да ги заштитат, но исто така дека во интерес на Европа беше тоа да се стори. Една од моите најголеми цели како претседател беше да и́ се помогне на Европа да стане обединета, демократска и мирна, за прв пат во историјата. Тоа не можеше да биде остварено без да се справиме со Милошевиќ и со проблемите на Балканот. Така, јас тоа го сметам за едно од најважните постигнувања на моето претседателствување. Но, на чисто човечко ниво, кога тие милиони луѓе од Косово успеаа да се вратат дома, откако Хилари и јас ги посетивме во бегалските кампови во Македонија, јас бев многу среќен“.

Коментирајќи ја сегашната ситуација на Балканот, господинот Клинтон кажа:

„Таму се́ уште има проблеми и мислам дека ќе има проблеми се́ додека не се постигне стабилна политика и добра економија. Една од работите што ги сторивме на крајот на мојот мандат беше да ја поддржиме ЕУ во создавањето на Пактот за стабилност за Југоисточна Европа, но тој треба да биде финансиран и ние треба да останеме онолку колку што е потребно за да ја одржиме стабилноста. Од друга страна, трибуналот за воени злосторства мора да продолжи да работи, мора да постои чувство за правда, трибуналот мора да продолжи со работата се додека не се фатат главните извршители на босанските ужаси, а мора да биде остварен и некаков економски развој“.

XS
SM
MD
LG