Линкови за пристапност

Специјални церемонии по повод добивањето американско државјанство  - 2004-07-05


Како дел од прославите за Денот на независноста во САД се одржаа специјални церемонии во градови низ целата земја на кои им беше доделено државјанство на преку 16 илјади нови Американци.

Во Филаделфија за Денот на независноста илјадници имигранти од повеќе од сто држави во светот станаа државјани на Соединетите Американски Држави. Некои се како Вонал Јеа од Бахамите, кој служел во американската армија и кој вели дека дошол во потрага по слобода и можности.

„Секој овде може да постигне повеќе отколку во дригите држави. Мислам дека е чест да се биде овде, да се биде американски граѓанин“, вели тој.

Други пак, како Мејсам Али од Ирак, дошле за да избегаат од тиранијата и репресијата. „Затоа што е лошо да се живее таму“, додава таа.

А некои, како Лев Асаулиак од Русија, дошле заради својот талент и искуство.

„Не жалам што дојдов, но ми недостигаат внуците во Русија“, вели тој.

Лев Асаулиак бил еден од најнадарените балетани од поранешниот Советски Сојуз. Сега тој ја пренесува својата вештина на нова генерација Американци во градот Вилмингтон, во федералната држава Делавер. Неговите студенти не знаат многу за неговата долга кариера како виртуозен танчер во класични балетски остварувања како Ромео и Јулија или Жизел. Но некои, како Брејна Рахим, велат дека се среќни што го имаат.

„Тој минал низ сето тоа и сега сака нам да ни го пренесе истото“, вели таа.

Додека на Америка можеби и недостига искуство во уметноста споредено со Русија и Европа, Лев Асаулиак вели дека разноликоста на земјата нуди уникатна предност. „Сите овие различни култури постојат заедно и чинат една сите заедно“, смета тој.

И Лев Асаулиак го остварил својот американски сон кога купил мала куќа надвор од градот.

„Само во Америка. Моја куќа. Моја градина. Многу ми се допаѓа тоа“.

„...Дека ќе го поддржувам и бранам Уставот и законите на Соединетите Американски Држави против сите непријатели странски и домашни“.

Лев Асаулиак е само еден од 16-те илјади нови Американци во земјата кои дадоа заклетва како дел од прославата на Денот на независноста.

Како и Лев Асаулиак, тие се приклучуваат на нацијата на имигранти во потрага по нивниот сопствен американски сон.

XS
SM
MD
LG