Линкови за пристапност

На Денот на независноста, претседателот Буш во Западна Вирџинија - сенаторот Кери во Ајова  - 2004-07-05


Претседателот Буш на 4 јули водеше кампања во федералната држава Западна Вирџинија.

Тој говореше за луѓето со визија и храброст кои ги основале САД. Тој рече дека државата е горда на нив, и дека кога би биле живи, и тие би биле горди што Америка им оддава почит на 4 јули.

„Тие ќе видеа земја која е лидер во слободата. Тие ќе видеа земја која цврсто се спротивставува на насилниците. Тие ќе видеа доверлив пријател на секој дисидент или политички затвореник кој сонува за правда. Токму тоа ќе го видеа во оваа прекрасна земја која ја создадоа“, рече г-динот Буш.

Претседателот со оптимизам истакна дека Америка оди напред, бранејќи ги своите вредности. Тој посебно ги спомена припадниците на американската армија распоредени во Авганистан и Ирак. Тој истакна дека обете земји сега имаат одговорни лидери кои веруваат во силата на слободата.

„Во овие двајца лидери ние добивме сојузници, бидејќи тие го разбираат она што ние го знаеме: слободните мажи и жени се мирољубиви луѓе. Слободните мажи и жени ќе можат да ги реализираат своите најголеми желби. Мајките и татковците во Ирак сакаат да ги одгледуваат своите деца во општество каде ќе имаат светла иднина, исто како и мајките и татковците во Америка“, додаде тој.

Неговите зборови предизвикаа извици на задоволство кај присутните, посебно неговите забелешки за армијата. Иако во Западна Вирџинија Демократската партија има побројно членство одошто Републиканската, претседателот ја има поддршката од оваа федерална држава со голем број на пријавени за воена служба и голем број на ветерани.

Во меѓувреме, Џон Кери учествуваше на прославата на 4 јули во градот наречен Independence-Независност во федералната држава Ајова. Своите ставови тој ги изнесе и во колумната во празничното издание на Вашингтон Пост. Тој уште еднаш се осврна на политиката на администрацијата на Буш во однос на Ирак. Сенаторот од Масачусетс вели дека САД не го користат најефикасниот начин и оти е потребна поголема меѓународна поддршка.

Додека кандидатите за претседателски избори држеа говори, во Њујорк се одржа поинакво одбележување на 4 јули. Таму беше поставен камен темелник на нова зграда на местото каде што се наоѓаше Светскиот трговски центар. На гранитниот камен беа испишани зборовите: „Во чест и сеќавање на оние кои ги изгубија животите на 11 септември 2001 година, и во чест на бескрајниот дух на слободата“.

Гувернерот на Њујорк Џорџ Патаки рече дека тој го избрал 4 јули за ден кога ќе започне изградбата на Кулата на слободата, за да се покаже бескрајната верба на Америка во слободата.

„Оваа прекрасна Кула на слободата нека му покаже на светот дека она што нашите непријатели сакаа да го уништат- нашата демократија и нашиот начин на живот, сега се уште поцврсти од кога и да е“, рече тој.

Кога ќе биде завршена нејзината изградба за неколку години, Кулата на слободата ќе биде највисоката зграда во светот.

XS
SM
MD
LG