Линкови за пристапност

Поранешниот администратор на Ирак Бремер пред Конгресот заради бавната реконструкција на Ирак  - 2004-07-05


Конгресот испитува зошто одат бавно напорите за реконструкција на Ирак финансирани од САД. Сенатската Комисија за вооружени сили побарала од поранешниот американски администратор во Ирак, Пол Бремер, да се појави пред комисијата за да објасни.

Американската влада потрошила само два проценти од пакетот-помош вреден речиси 18,5 милијарди што Конгресот го одобри во октомври минатата година за финансирање на обновата во Ирак, на итно барање на претседателот Буш и повиците од страна на републиканските лидери.

Зборувајќи на програмата на телевизијата Ен-Би-Си, "Средба со печатот", демократскиот сенатор Џозеф Либерман изрази загриженост.

„Не можам да објаснам како тоа се случило. Ние великодушно одделивме 18 милијарди долари. Вчудовидувачки е што толку малку е потрошено“, рече тој.

Сенаторот Либерман додаде дека Привремената коалициона управа, која ја предаде власта на ирачката привремена влада минатиот понеделник, сепак потрошила 20 милијарди долари за обнова на државата од парите од ирачката нафта.

Републиканскиот сенатор Џон Ворнер кажа дека Комисијата за вооружени сили, на чие чело се наоѓа тој, го поканила амбасадорот Бремер да сведочи за тоа како биле или пак не биле потрошени парите. Сенаторот Ворнер смета дека и онака бавниот процес на распоредување на јавните средства бил зафатен и од влошената безбедносна ситуација во Ирак.

„Договорите требаше да бидат исполнети. Имаше влошување на безбедносниот систем, што исплаши многу од оние кои имаа склучено договори со нас“, додаде тој.

На емисијата „Фокс Њуз Сандеј“ на ТВ-мрежата Фокс, амбасадорот Бремер рече дека тој бил меѓу главните критичари на, како што кажа, "вашингтонската бирократија," за која тој вели дека значително го забавила процесот.

„Наидовме на проблеми со договарањето на зделки, бидејќи за секој договор беше потребно да мине период од 90 дена за да биде одобрен. Тоа, сметам дека беше проблем, но таков е законот и ние се водевме по законот. Затоа, тешко е да се замисли што повеќе можевме да сториме“, додаде тој.

Во извештај објавен во петокот, Канцеларијата за буџет на Белата Куќа кажа дека до 22 јуни биле потрошени вкупно 366 милиони од 18 милијарди долари од фондовите за реконструкција на Ирак. Претставници на Белата Куќа велат дека во Ирак во моментов се одвива работа од значителен обем и дека голем дел од средствата не се ослободуваат додека не се завршат основните проекти.

Во меѓувреме, во коментар во неделното издание на "Washington Post," најверојатниот демократски претседателски кандидат Џон Кери ја повика американската влада на меѓународните компании да им даде, како што вели самиот, чесна можност за конкурирање во мултимилијардерските договори за обновата на Ирак.

XS
SM
MD
LG