Линкови за пристапност

Јордан понуди да испрати војници во Ирак  - 2004-07-02


Кралот Абдула од Јордан вели дека е подготвен да испрати трупи во Ирак доколку тоа го побара новата привремена ирачка влада. Јорданскиот крал ова го изјави во интервјуто за британската телевизија.

Јордан може да стане првата арапска држава што ќе испрати војници во Ирак, доколку новата ирачка влада ја прифати понудата на кракот Абдула.

Јорданскиот лидер кажа дека новата ирачка админстрација е составена од силни и храбри луѓе, на кои им е потребна меѓународна помош за да се справат со, како што оцени „главниот проблем на недостаток на безбедност“.

“Сега е на власт привремена ирачка влада и се надеваме дека наскоро ќе уследи и целосен процес на независност во Ирак. Ако Ирачаните директно побарат помош од нас, тогаш ќе ни биде многу тешко да кажеме не. Мојата порака до претседателот и премиерот е “кажете ни што барате“. Кажете ни како може да ви помогнеме и ќе добиете 100-процентна поддршка. Ако не застанеме зад нив, ако не успеат, тогаш сите ќе ја платиме цената за тоа“, изјави јорданскиот крал Абдула.

Инаку, распуштениот Ирачки владејачки совет, на чие место дојде новата привремена ирачка влада, ја одби идејата да прими војници од соседните земји, меѓу што и понудата од Турција минатата година.

Кралот Абдула призна дека неговата позиција во однос на испраќањето на војници се има променето. Претходно тој одбиваше секаква воена улога на Јордан заради односите со Ирак во минатото. Кралот не појасни на што точно посочува во односите од минатото, но експертите за Блискиот Исток наведуваат дека Јордан беше дипломатски изолиран и во економска рецесија затоа што задржа независна позиција за време на Војната во заливот во 1991 година, со која заврши ирачката окупација на Кувајт, но Садам Хусеин остана на власт.

XS
SM
MD
LG