Линкови за пристапност

Садам Хусеин и соработниците утре за првпат ќе се појават пред трибуналот - 2004-06-30


Ирачката привремена влада ја презеде надлежноста врз Садам Хусеин. Иако поранешниот ирачки претседател и натаму физички е во рацете на американските трупи, тој повеќе не се смета за воен затвореник, туку за за сторител на кривични дела кому му претстои судење.

Три дена по преземањето на суверенитетот, ирачката влада денеска треба да поднесе обвиненија против Садам Хусеин и 11 негови блиски соработници. Ирачкиот советник за национална безбедност, Муафек ал-Рубаи, очекува драматичен ден кога поранешниот диктатор и неговите соработници ќе бидат изведени во судницата и кога ќе се соочат со долгата листа обвиненија за злосторства, наводно сторени за време на владеењето на режимот на Садам Хусеин.

„За извршување на убиства па се́ до геноцид, за користење на хемиско оружје во Халабџа... за тоа што во масовните гробници се наоѓаат телата на стотици илјади лица, за тоа што десетици илјади се погубени во затворот Абу Граиб, за тоа што започнал три војни“, вели тој.

Судењето на поранешниот ирачки лидер не се очекува да започне во наредните месеци, бидејќи тој треба да ја подготви својата одбрана. Ирачката влада планира телевизиски пренос во живо од судењето.

Салем Чалаби, адвокат кој ја надгледува работата на трибуналот надлежен за случајот против Хусеин и неговите соработници, вчера се сретнал со бившиот ирачки претседател.

„Тоа беше надреално искуство. Тој ослабел и не беше онаа голема фигура каква што претходно беше прикажувана на телевизиските екрани. Беше очигледно нервозен, бидејќи не знаеше што се случува. Косата му беше долга, не премногу, но подалга од она што сум го видел порано, му беше црна, а не седа, и немаше брада“, опишува г-динот Чалаби.

По враќањето во САД, Пол Бремер, кој во изминативе 14 месеци беше американскиот цивилен управник за Ирак, вчера во Белата куќа се сретна со претседателот Буш. Тој за ТВ-мрежата Си-Би-Ес изјави дека жали што не бил во можност да го запре насилството во Ирак, за кое предупредува дека преставува закана за политичката транзиција во земјата.

„Тие мора безбедноста да ја доведат до ниво на кое ќе им дозволи да ги одржат изборите во јануари“, изјави тој.

Се очекува ирачката влада најрано неделава да ги соопшти новите мерки за справување со вооружените лица во земјта, а во меѓувреме, за одржување на безбедноста, таа и натаму продолжува да се потпира на помошта на околу 160-те илјади странски војници, од кои речиси сите се Американци.

XS
SM
MD
LG