Линкови за пристапност

НАТО и Ирак - 2004-06-30


Лидерите на 26-те земји членки на НАТО се договорија да и́ помогнат на ирачката привремена влада. На самитот во Истанбул, беше соопштено дека Алијансата ќе обезбеди помош во обука на ирачката армија. Помошта од НАТО ја побара Ијад Алави, привремениот премиер на Ирак.

Генералниот секретар на НАТО, Јап де Хоп Скефер вели дека се́ уште треба да се работи на поединостите околу обуката.

„Како ќе се изведе оваа обука не знам, бидејќи само ирачката влада е таа која ќе донесе конечна одлука за тоа што ќе се случи, а не Брисел или самата Алијанса“, вели тој.

Одлуката на НАТО да му помогне на ирачкиот народ, вели претседателот Џорџ Буш, е пример дека ирачката привремена влада добива меѓународна поддршка.

„САД и нашите коалициони партнери помагаат за Ирачаните да се подготват за одбрана на нивната земја. Ја почитуваме одлуката на НАТО со која се одобрува барањето на премиерот Алави за помош во обуката на ирачките безбедносни сили. Им помагаме на Ирачаните да ја обноват инфраструктурата во земјата и Ирак ќе продолжи на курсот кон слободни избори“, рече американскиот претседател.

Претседателот Буш вели дека ирачките напори да се постигне напредок се изложени на напади од странските терористи и разбојниците од поранешниот режим на Садам Хусеин.

„Терористите знаат дека ќе бидат поразени освен доколку не го скршат духот и определбата на цивилизираниот свет. Цивилизираниот свет нема да се уплаши или да се обесхрабри, а новото ирачко раководство ова јасно го стави на знаење. Премиерот Алави неодамна кажа – „Бунтовниците се обидуваат да ја уништат нашата земја, но нема да го дозволиме тоа“, рече тој.

Ирачкиот народ е подготвен да го брани својот суверенитет. Претседателот Буш вели дека коалицијата под американско водство го почитува таквиот дух и дека ирачкиот народ нема да биде оставен сам на себе.

XS
SM
MD
LG