Линкови за пристапност

Поднесени обвиненија против тројца затвореници од Гвантанамо - 2004-06-29


Пентагон одлучи официјално да поднесе обвиненија до воената комисија против тројца непријателски војници кои се наоѓаат во Гвантанамо. Станува збор за Али Хамза Ахмед Сулејман ал Бахлул од Јемен, Ибрахим Ахмед Махмуд ал Коси од Судан и Дејвид Хикс од Австалија.

Поднесувањето на обвиненија е еден чекор во процесот пред воената комисија, при што се назначуваат претседавач и членови кои треба да сослушуваат конкретни случаи. Офицерот кој ќе претседава со комисијата избрана да ги сослушува сите три случаи е пензиониран армиски полковник кој бил отповикан од активна служба. Четворицата членови на комисијата се офицери во активна служба, двајца од Воздухопловните сили и двајца од редовите на маринците.

Во соопштението од Пентагон се наведува дека датумот на судењето се уште не е утврден, новоименуваниот претседавач Питер Браунбек наскоро ќе контактира со бранителите на тројцата притворени за да се утврди првичен распоред за судењето.

Тројцата притворени кои се наоѓаат во Гвантанамо претходно биле обвинети за конспирација за извршување воени злосторства. Г-динот ал Бахлул се смета за главен пропагатор на Ал Каида, како и дека бил телохранител на лидерот на Ал Каида Осама бин Ладен. Г-динот Ал Коси се товари дека бил долгогодишен помошник на осомничениот терористички лидер. Обвиненијата против г-динот Хикс се дека посетувал курсеви на Ал Каида за обука и оти се борел против коалиционите сили во Авганистан.

Бранителите и роднините на тројцата притворени ги отфрлаат обвиненијата.

Тројцата се дел од шестмината притворени за кои претседателот Буш одлучи дека може да се водат судски процеси пред американски воени комисии.

Одлуката за продолжување со процесот уследи по пресудата на Врховниот суд дека на осомничените за тероризам кои се наоѓаат во Гвантанамо мора да им се овозможи да се жалат за притворот пред американските судови.

Портпаролот на Пентагон, мајорот Мајкл Шејверс цели дека одлуката на високиот суд нема да има влијание врз воените планови за продолжување со судските процеси за тројцата притворени.

XS
SM
MD
LG