Линкови за пристапност

Ричард Лугар: Членството во НАТО зависи од индивидуалниот напредок, но и од оценките од земјите во Алијансата  - 2004-06-28


Македонија, Албанија и Хрватска макотрпно работат за исполнување на условите за зачленување во НАТО, кое ќе биде резултат на индивидуалниот напредок и оценките кои ги даваат земјите членки на Алијансата, вели американскиот сенатор Ричард Лугар. Во интервјуто за Гласот на Америка тој говори за плановите на Алијансата во однос на Балканот. Несакајќи да навлегува во лични оценки на поединечниот напредок на земјите од Јадранската повелба кон членство во НАТО, претседателот на сенатската Комисија за надворешни односи Ричард Лугар вели дека тоа на крајот ќе биде резултат на консезусот на сите членки на Алијансата. Тоа, според него не е едноставен процес.

„Земјите треба да бидат способни да дадат соодветен сопствен придонес во Алијансата, мора да институционализираат некои мерки кои се во целосна согласност со стандардите за демократија, слобода и човекови права, правата на жените, и голем број работи, и секоја од нив се обидува да го стори тоа, да постигне радикална стабилност или барем да покаже дека ги има овие карактеристики за членство во НАТО. А дали тоа ќе се случи во 2005, 2006 или 2007 година, зависи од индивудуалниот напредок и од оценките кои постојано се даваат до страна на други земји членки на НАТО“, вели тој.

Членството во НАТО носи бенефиции, но и обврски, вели г-динот Лугар. Тој вели дека секоја земја треба да знае што добива, но и со што треба да придонесе во остварувањето на целите на Алијансата. Според него, тука спаѓа и целосната поддршка од добро информираната јавност.

„Една од најтажните работи е дека некоја влада сега може да биде голем ентузијаст во однос на членството во НАТО, за да се увиди дека нејзината популација всушност не е. И тоа нема да даде резултати. Членството во НАТО е засекогаш, ние во овие 50 години не сме изгубиле ниту една членка, бидејќи луѓето ја сфатиле неговата важност. Не станува збор за мала група, туку целата популација мора да биде дел од тоа„, додава тој.

Во услови кога вниманието на Алијансата е свртено кон Блискиот исток, сенаторот Лугар не смета дека интересот за Балканот е изгубен, туку предлага ставање во погон на сите сили распоредени во регионот. „Би сугерирал дека на Балканот потребно е да ги ангажираме сите расположливи сили, посебно мислам на Косово каде се сконцентрирани околу 19.000 војници, но одвај 6.000 се способни да ја исполнат мисијата, бидејќи другите 13.000 имаат специфични инструкции од нивните земји, конкретно, да не се справуваат со етничките конфликти. Тоа е вистински проблем. Во оној момент кога ќе се надмине овој јазол и се стават во употреба сите сили, и ќе имаме сериозна логистичка поддршка од овие сили, бидејќи ова прашање не треба да се однесува на секоја земја посебно, туку да биде во надлежност на НАТО како колективитет, веројатно дека ќе имаме поголема ефикасност. Настрана од ова, јас би побарал од сите нас едноставно да сториме повеќе. 11 земји членки на НАТО не придонесуваат со по 2 проценти од нивниот бруто домашен производ. Тоа е основната цел. Голем број од нив не исполнуваат бројни други обврски за кои сме се заложиле. Потребно е да ги направиме овие нешта за да ги исполниме нашите преземени обврски“, вели американскиот сенатор Ричард Лугар.

XS
SM
MD
LG