Владите ширум светот го поздравија предавањето на власта во Ирак со што формално денеска заврши окупацијата под американско раководство.Следуваат реакциите во светот.
Реакциите може да се сумираат како колективно олеснување поради формалниот крај на окупацијата под американско раководство во Ирак.
Франција и Германија, најжестоките противници на војната во Ирак го поздравија предавањето на власта. Портпаролот на францускиот претседател Жак Ширак кажа дека Франција и́ посакува само успех на ирачката привремена влада и ирачкиот народ. Германското министерство за надворешни работи соопшти дека тоа е голем чекор во правец на повторното вклучување на Ирак во семејството на нации.
Најголемиот американски сојузник во воената операција во Ирак, британскиот премиер Тони Блер, рече дека коалицијата во Ирак сега ќе преземе секундарна улога, насочена на безбедноста.
„Важно е да се разбере дека волјата на целата меѓународна заедница сега е Ирак да преземе контрола врз својата судбина. Со Ирак треба да управуваат Ирачаните. Ние отсега ќе бидеме таму за да им помогнеме и да ги поддржиме, конкретно во смисла на безбедноста“, рече тој.
Уште една земја-членка на коалицијата – Полска, преку виш претставник на одбраната, потенцираше дека е исполнет политичкиот план за стабилизирање на Ирак, како и дека следен чекор ќе бидат изборите планирани на почетокот на наредната година.
Во однос на изборите, портпарол на Европската унија соопшти дека е можно во Ирак да биде испратен специјален претставник на Унијата кој би понудил поддршка за подготовките за избори.
Првичната реакција од некои од ирачките соседи беше исто така позитивна. Јордански портпарол кажа дека предавањето на власта е чекор напред кон повотрната изградба на политички, економски, безбедносни и социјални институции во Ирак. Ирански портпарол изјави дека Иран го поздравува враќањето на ирачкиот суверенитет и крајот на окупацијата.
Во Азија, Јапонија изрази надеж дека политичкиот процес во Ирак остварува стабилен напредок.
Светските тргувачи со нафта го одбележаа предавањето на власта со намалување на цените на Лондонската нафтена берза на најниско ниво во последниве два месеца. Тргувачите велат дека предавањето на власта, што се изврши порано од планираното, ги спречило терористите да добијат фиксен датум за вршење на напади врз ирачката нафтена индустрија.