Линкови за пристапност

Можен е поголем ангажман на НАТО во Ирак  - 2004-06-24


Генералниот секретар Јаап де Хоп Скефер на новинарите во седиштетот на НАТО им кажа дека алијансата едноставно не може да го одбие барањето за помош од вршителот на должност премиер на Ирак Ијад Алави. Господинот Алави во писмо до генералниот секретар неделава побарал помош во обука и неспецифицирана техничка помош за ирачките безбедносни сили.

Господинот Де Хоп Скефер вели дека шефовите на држави и влади на НАТО членките на нивниот самит во Истанбул во понеделник и вторник ќе разговараат како да одговорат на барањето. Тој вели дека очекува НАТО да одговори позитивно. Што се однесува до него, помошта за Ирак е исправна работа.

"Тука е резолуцијата на Советот за безбедност на ОН. Постои целосно легитимна привремена влада во Ирак, со премиер кој испрати писмо до НАТО. НАТО не смее да го сврти грбот на овој премиер или на таа влада ", изјави генералниот секретар на Алијансата.

Италија вчера кажа дека заедно со други земји може да даде обука на ирачките безбедносни сили. Германија, што се противеше на војната во Ирак и сеуште не прифаќа таму да испрати војници, преку дипломатски канали индицираше оти е расположена да и помогне на новата ирачка влада, доколку обуката се изведува надвор од Ирак. Германија веќе обучува ирачка полиција во Обединетите арапски емирати.

Господинот Скефер не кажа што НАТО конкретно може да стори во поглед на обуката ниту пак што конкретно господинот Алави бара од алијансата.

Улогата на НАТО во Ирак беше ограничена на обезбедување логистичка поддршка на мултинационалната дивизија предводена од Полска, во јужно-централниот дел на земјата, каде 16 од 26-те членки имаат трупи.

Генералниот секретар сепак вели дека главен приоритет на НАТО останува Авганистан , каде командува со меѓународните сили за безбедносна помош во Кабул.

XS
SM
MD
LG