Линкови за пристапност

Србија - одзивот на гласачите пресуден за исходот од изборите - 2004-06-24


Со поддршка од лидерите на ЕУ и од бројни политичари реформисти, српскиот прозападен претседателски кандидат Борис Тадиќ се надева дека гласачите масовно ќе излезат во вториот круг избори в недела.

Малиот одзив, според набљудувачите, би бил во прилог на подисциплинираните приврзаници на националистичкиот кандидат, Томислав Николиќ, чија Српска радикална партија е најголема политичка фракција во парламентот. Господинот Николиќ доби повеќе гласови во првиот круг на изборите отколку неговиот умерен противник.

Во почетокот на неделава милиони гледачи на српската телевизија можеа подобро да ги запознаат кандидатите за време на дебатата за прашања од иднината на Косово па се до соработката со Трибуналот на ОН за воени злосторства и членството во ЕУ.

Господинот Николиќ кажа дека доколку биде избран, никогаш нема да дозволи Косово, кое го нарекува колевка на Србија, да се отцепи. Иако Косово официјално е дел од Србија, се наоѓа под администрација на ОН од 1999 година, кога НАТО ги принуди српските сили да се повлечат.

Тој исто така индицираше дека како претседател би се спротивставил на независност на Црна Гора, која сега е во лабава федерација со Србија, а кажа и дека не би брзал со членство во ЕУ.

Тој исто така рече дека никогаш не би принудил ниту еден Србин да се предаде на Трибуналот на ОН за воени злосторства за обвиненија кои произлегуваат од балканските војни во 90-те, во кои се проценува дека загинале половина милион луѓе.

Наспроти тоа, про-западниот Борис Тадиќ во дебатата кажа дека би ја разгледувал соработката на Србија со ОН и ЕУ како единствен начин за отстранување на изолацијата на Србија.

Тој рече “На Србија и требаат односи со надворешниот свет, не може да опстои самостојно“. Тој кажа дека е особено важно да се соработува со “богатите и можни партнери“, меѓу кои ЕУ, САД и српските соседи.

Аналитичарите како Драгана Соломон од независниот Институт за известување од војна и мир, предупредува дека одзивот на гласачите од 40 проценти и помалку би можел да значи пораз за господинот Тадиќ.

“Едноставно српските гласачи се уморни од гласање. Знаете, луѓето ми велат “Не е важно, мојот живот нема многу да се промени ако гласам, затоа ќе си останам дома“. Сите тукашни аналитичари се согласуваат дека има јасна математика. Ако излезат над два и пол милиони гласачи, ќе победи Тадиќ, ако излезат помалку од два и пол милиони, ќе победи Николиќ. Оттаму, колку помалку ќе излезат, толку повеќе има шанси да победат радикалите“, смета гопоѓа Соломон.

Таа вели дека евентуалната победа на господинот Николиќ може да ги засили етничките тензии во Србија и да ја врати земјата во изолација.

“Тој се обраќа на суштината на неговиот електорат, кој е составен од националисти кои се уште мислат дека е можно српската армија и полиција да се врати и да го преземе Косово, Ако Николиќ победи на изборите, Србија ќе биде изолирана. Европа едноставно ќе ја остави Србија сама на одредено време, а ќе има и опасност од застој на реформите. Во моментов соработката со Хаг не е многу добра, но ми изгледа дека ако Николиќ дојде на власт, ќе биде уште полошо’, вели госпоѓа Соломон.

Меѓутоа аналитичарите велат дека дури иако господинот Тадиќ стане претседател, поделената Србија е во период на политичка нестабилност, додека избраните лидери се обидуваат да балансираат меѓу судирите на интереси на политичките партии кои ги поддржуваат.

XS
SM
MD
LG