Линкови за пристапност

Повлечена резолуцијата за имунитет на американските војници пред Меѓународниот кривичен суд - 2004-06-24


Заменикот американски амбасадор во ОН, Џејмс Канингам по состанокот на Советот за безбедност зад затворени врати изјави дека го повлекува барањето за продолжување на изземањето на американските војници од јурисдикцијата на Меѓународниот кривичен суд.

“Веруваме дека нашата предлог-резолуција, како и претходните, ја одразува загриженоста кај сите. Сепак, со неа не се согласуваат сите земји-членки на Советот и САД решија во моментов да го прекинат процесот за да се избегне пролонгирана и подвоена дебата“, изјави амбасадорот Канингам.

Американското барање за имунитет на мировниците во изминативе две години беше прифатено со големо мнозинство. Овој пат, членките на Советот за безбедност велат дека односот е променет поради меѓународното незадоволство од неодамнешното малтретирање на ирачките затвореници во затворот Абу Граиб.

Но амбасадорот Канингам рече дека предлог-резолуцијата немало да ги заштити војниците обвинети за злосторства во овој затвор.

“Нашето противење нема врска со изведување пред правдата на оние кои извршиле ужасни дела, како воени злосторства и злосторства против човештвото, нешто што, како што знаете, САД категорично го поддржуваат. На пример, веќе инициравме судски постапки во врска со обвинувањата за малтретирања во Абу Граиб, а во тек се и неколку истраги“, кажа господинот Канингам.

Претходно, САД се заканија дека ќе стават вето на мировните мисии на ОН, доколку на американските трупи не им се даде имунитет од Меѓународниот кривичен суд. Американскиот-заменик амбасадор истакна и дека може да има преиспитување на американската поддршка за сите мировни мисии на ОН.

Во мировните операции на ОН, САД учествуваат со најголем број трупи, опфаќајќи преку 25 проценти од вкупниот број.

Противењето на иземањето на американскит војници од надлежноста на Меѓународниот кривичен суд се засили минатата недела откако Генералниот секретар на ОН, Кофи Анан, рече дека тој чекор ќе ја дискредитира оваа организација и Советот за безбедност.

“Сметам дека нема да биде поволно оценето некој да врши притисок за такво изземање, ако се има предвид малтретирањето на затворениците во Ирак“, рече генералниот секретар на ОН.

Неколку земји-членки на Советот за безбедност истакнаа дека изјавата на генералниот секретар била убедлива. Кинескиот амбасадот во ОН, Ванг Гуангава рече дека прашањето на малтретирањата во затворот Абу Граиб е причина за неговата земја да го промени ставот, откако две години по ред Кина гласаше во полза на ваквата резолуција.

Меѓународниот кривичен суд беше основан да поведува постапки против сторителите на злосторства во светот, вклучувајќи го и геноцидот. Тој се смета да се користи само за случаи за кои државите нема да успеат да ги гонат осомничените криминалци.

Поддржувачите на судот велат дека постои мала веројатност оти американските граѓани ќе бидат изведени пред него со оглед на тоа што САД имаат функционален судски систем. Но администрацијата на Буш е против Меѓународниот кривичен суд со објаснување дека може да се покренуваат неосновани постапки против американските трупи и владини претставници

XS
SM
MD
LG