Престојниот самит на НАТО се одржува пред предавањето на власта на привремената ирачка влада, така што се очекува лидерите учесници, меѓу кои претседателот Буш и британскиот премиер Тони Блер, да дискутираат за можното зголемување на улогата на Алијансата во Ирак.
Претседателот Буш неодамна кажа дека не очекува земјите-членки на НАТО да понудат дополнителен број трупи во Ирак, но некои земји може да понудат помош во обука и опрема за новите ирачки безбедносни сили.
Генералниот секретар на НАТО, Јаап Де Хоп Скефер истакна дека неодамна усвоената резолуција на Советот за безбедност на ОН, со која владата на Багдад беше едногласно поддржана, може да отвори можност за поширок ангажман на Алијансата во Ирак.
“Да не ја повторуваме дискусијата што ја имавме околу војната во Ирак. Мислам дека доколку врз основа на таа резолуција, ирачката влада или ОН од НАТО побараат да сториме повеќе, тогаш НАТО не може да му сврти грб на такво барање, а кое доаѓа од легитимна и суверена ирачка влада“, рече генералниот секретар на НАТО.
Филип Гордон е поранешен директор за европски прашања во Националниот совет за безбедност и во моментов е аналитичар во Брукингс институтот.
Тој вели дека не очекува на самитот Алијансата да се согласи на каква и да е поголема улога во Ирак.
“Поддршката на самитот на трансферот на суверенитетот во Ирак, можно е да значи НАТО да добие улога во обука на ирачките безбедносни сили, но тоа е навистина скромно, бидејќи НАТО не обучува туку тоа ќе го прават негови земји-членки. Ако имаме среќа да се постигне договор, односно ако се согласиме дека улогата на НАТО ќе биде добра, може да се побара од генералниот секретар да ги разгледа опциите за тоа како НАТО, некогаш во иднина, би можел да се употреби во Ирак“, смета господинот Гордон.
Членките на НАТО може да бидат поголеми ентузијасти по проширување на силите на Алијансата во Авганистан.
Претставници на ОН, хуманитарни организации и авганистанските лидери категорично бараа НАТО да ги прошири постоечките 6.500 трупи во Авганистан пред планираните избори во септември.
НАТО ја презеде командата врз Единицата за асистенција за меѓународната безбедност во Авганистан минатата година, што претставува негова прва мисија надвор од Европа.
Филип Гордон од Брукингс институтот вели дека претседателските избори во САД ќе имаат влијание на истамбулскиот самит.
Според него, односите меѓу САД и Европа се и натаму затегнати поради војната во Ирак.
“Сметам дека за многу Европјани, односите се ставени на почек се до американските избори и тоа поради повеќе причини. Претседателот Буш во моментов, најблаго речено, не е особено популарен во Европа. Затоа, лидерите не сакаат да му помогнат политички“, вели господинот Гордон.
Самитот во Истамбул ќе биде прв откако НАТО се прошири од 19 на 26-земји членки. На дводневниот самит се очекува исклучително силно обезбедување поради стравувањата од терористички напади и масовни демонстрации.