Линкови за пристапност

Европско-американски самит овој викенд во Ирска  - 2004-06-23


Ирска која во моментов е претседавач со ЕУ ќе биде домаќин на претседателот Буш и на некои од неговите најблиски соработници во еден оддалечен замок во западниот дел на земјата. Се очекува посетата на г-динот Буш да привлече илјадници демонстранти кои се противат на окупацијата на Ирак под американско раководство и затоа, за гарантирање на безбедноста, ирските власти ќе распоредат над 6.000 полицајци и војници.

Ирскиот премиер Берти Ахерн сака да биде избегната секаква контроверза, иако администрацијата на Буш и ЕУ и натаму имаат различни мислења по некои од прашањата што ќе бидат на дневен ред на разговорите.

На пример во однос на Ирак. Дипломатите во Брисел изразуваат очекување дека Вашингтон ќе побара од Европејците поголем придонес во помошта за стабилизација на земјата. Но ЕУ укажува дека нема намера да се ангажира повеќе од актуелната химанитарна помош за Ирак и помагањето на привремената ирачка влада во подготовката за изборите следната година.

Потоа следува прашањато за планот на Вашингтон за поттикнување на политички и социјални реформи на Блискиот исток. Дипломатите од ЕУ велат дека администрацијата ќе треба да го ревидира планот поради спротивставувањата во арапскиот свет. Тие исто така велат дека американскиот план има мали шанси за успех, доколку Вашингтон не прифати поизедначен пристап кон израелско-палестинскиот конфликт, чекор кој тие го сметаат за суштински во поправањето на американскиот кредибилитет во регионот.

Ирскиот премиер Ахерн посочува на добрите економски односи преку Атлантикот. Во напис објавен во вчерашното издание на весникот The Irish Times, ирскиот премиер Ахерн вели дека трансатлантската трговија е во висина од 2,5 трилиони долари, при што на директен или индиректен начин се вработени 12 милиони луѓе.

Како конкретен успех на самитот најверојатно ќе се смета потшишувањето на спогодба со која планираниот навигациски систем на ЕУ познат како Галилео, што е вреден 4 милијарди долари, ќе стане компатибилен со постоечкиот Систем за глобално позиционирање во САД.

Пентагон, кој го контролира овој систем, првично го критикуваше Галилео како непотребен, нарекувајќи го потенцијална закана за безбедноста во време на војна, образложувајќи дека сигналите на двата система би можеле да се помешаат. Комесарот на ЕУ за транспорт Лојола де Паласио за новинарите изјави дека разликите сега се надминати.

Таа вели дека сите корисници со еден единствен приемник ќе можат да користат кој било систем или обата истовремено.

Но договорот за трансатлантски комерцијален авио-превоз за кој постоеше надеж дека ќе биде постигнат на време, пред почетокот на самитот, најверојатно ќе отпадне. Преговарачите од САД и ЕУ до сега не успејаа да постигнат согласност со која ќе се отвори можност за трансатлантско поврзување на авио-компаниите и за поздрава конкуренција.

САД се согласија да им дозволат на инвеститори од ЕУ да поседуваат до 49 проценти од некоја американска авио компанија, но одбиваат да им дозволат пристап на европските авио-компании на американскиот пазар. Министрите за транспорт на ЕУ минатата недела побараа од Вашингтон или да ја променат понудата или во спротивно нема да биде постигнат договор.

XS
SM
MD
LG