Линкови за пристапност

Жешка дебата меѓу конзервативците и либералите за филмот на Мајкл Мур - 2004-06-23


Филмот на Мајкл Мур "Bowling for Columbine" освои оскар за најдобар документарен филм.

Во неговиот последен филм “Фаренхајт 11“, овој либерален активист ја критикува администрацијата на Буш и нејзиниот пристап кон војната против теророт.

Господинот Мур вели дека неговиот филм не е пофалба за претседателот Буш. Тој повеќе го смета како одраз на неговиот поглед на свет отколку како документарно новинарство. Тој зборуваше во емисијата Тудеј на Ен-Би-Си.

“Како и многу Американци едноставно не разбирам зошто веќе четири години ни се презентира еден основен став на оваа администрација, а не сме ја слушнале другата страна на приказната. Не ја знаеме вистината или барем она што јас сметам дека е вистина“, изјави господинот Мур.

Во филмот господинот Мур ги истражува наводните врски меѓу семеjството Буш и Саудиска Арабија и ја обвинува администрацијата дека манипулира со нивоата на тревога за да ги исплаши Американците за да ја поддржат војната во Ирак.

Тој за Ен-Би-Си изјави дека неговиот филм е и осуда за американските медиуми, за кои смета дека премногу го прифатиле оправдувањето на администрацијата за започнување на војната во Ирак.

“Мојот филм е тивка молба до сите вас во медиумите да ја вршите вашата работа. Ни требате, Вие сте нашата одбрана од ова. Ако ве немаме вас, тогаш што имаме? И едноставно мислам дека му е нанесена штета на американскиот народ?“, вели господинот Мур.

Директорот за комуникации во Белата куќа, Ден Бартлет ги отфрли обвинувањата од филмот како “ужасно погрешни“. А таткото на претседателот, поранешниот претседател Џорџ Буш документарецот го нарече “злобен личен напад“ врз неговиот син.

Конзервативните групи исто така се мобилизираат за да го осудат филмот како пристрасен и нефер. Дејвид Боси раководи со независната конзервативна група наречена Citizens United.

“Очигледно ова не е ништо друго освен двочасовна политичка реклама. Не е ништо повеќе од спот со напад врз претседателот Буш. Тоа не е ништо друго, и мислам дека оние кои ќе одат да го гледаат веќе донеле одлука и само ќе му дадат донација на Мајкл Мур и ќе придонесат за кампањата на Џон Кери“, смета господинот Боси.

Друга конзервативна група, Move America Forward, организираше кампања за да се изврши јавен притисок врз кино-салите да не го прикажуваат филмот.

Но некои либерални групи ја поздравија премиерата на филмот и отворено се надеваат дека ќе има влијание врз претседателските избори оваа година. Анти-Буш групата MoveOn-dot-ORG ги поттикнува своите членови да го гледаат филмот, нарекувајќи го “моќен филм што го открива цинизмот и алчноста што стојат зад политиката на Буш“.

Групите за следење на медиумите исто така ќе внимаваат на влијанието на новиот филм на Мајкл Мур.

Метју Филинг е од групата Центар за медиумски и јавни работи во Вашингтон, која е непартиска организација која го проучува влијанието на информативните и забавните медиуми во општеството.

Тој вели дека господинот Мур има репутација на извртување на вистината во неговите претходни филмови.

“Се разбира овој филм ќе биде верзија на она што Мајкл Мур мисли дека претседателот Буш сака да стори и какви се неговите способности. Веќе знаеме дека тој смета оти не е подобен за таа работа. Затоа Мајкл Мур ќе одбере се што може да го поддржи тој аргумент и може само да се надеваме дека Американците доволно знаат за успесите на администрацијата на Буш така што ќе можат самите да избалансираат“, вели господинот Филинг.

Господинот Мур вели дека неговиот филм не е новинарство и признава дека се надева оти тој ќе помогне претседателот Буш во ноември да биде поразен.

Политичките аналитичари и некои филмски критичари сега дебатираат дали и какво влијание ќе има новиот филм на Мур врз изборите оваа година.

Метју Филинг од Центарот за медиумски и јавни работи вели дека филмот може да убеди некои гласачи кои се амбивалентни во однос на претседателот.

“Она што го стори сиот овој публицитет и оваа бура што тој ја создаде се мајсторска манипулација со медиумите со што ќе придобие многумина кои не се политички определени и луѓе кои имаат намера да бидат подалеку од гласачките кутии на денот на изборите. Во тој случај, тој навистина може да нанесе удар на поддршката за Буш и може да ја стимулира публиката која е политички инертна“, изјави господинот Филинг.

И покрај првичните проблеми за обезбедување на поширока дистрибуција на филмот заради неговата контроверзна содржина, “Фаренхајт 11“ од петок ќе се прикажува во 500 кино-сали низ земјата.

XS
SM
MD
LG