Линкови за пристапност

Во терористички напади лани загинале 625 лица - 2004-06-23


Оригиналниот документ „Динамиката на тероризмот“ Стејт департментот го објави на 29 април, со значителна помпезност истакнувајќи опаѓање на бројот на терористичките напади и жртвите од нив за минатата година, во споредба со 2002-та и тоа го нарекуваше доказ што зборува во полза на политиката на актуелната влада во однос на борбата против тероризмот.

Но откако статистичките податоци во документот беа критикувани од неколкумина академици и од влијателниот конгресмен од Демократската партија, Хенри Ваксман, претставниците од Стејт департментот признаа дека се направени грешки и го преработија извештајот.

Промените беа објавени на прес-конференција во Стејт департментот што ја отвори државниот секретар Колин Пауел, кој кажа дека во првичниот извештај немало обид за манипулирање со бројките, и дека администрацијата на Буш е свесна оти борбата против тероризмот сеуште не е добиена.

“Знаеме дека тероризмот претставува опасност која нема да си замине наскоро. Дури и ако погледнете во извештајот од 29 април, пред да откриеме дека се направени грешки, јасно се гледа дека тероризамот е присутен и го погодува целиот цивилизиран свет, што пак придонесува да бидеме порешителни во гонењето на сторителите на терористичките акти. Не постои сомневање дека ова го зборува и оригиналниот документ“, изјави господинот Пауел.

Во новата верзија на извештајот на Стејт департментот се наведува дека минатата година имало 208 поголеми терористички напади, што е за десет повеќе од она што беше изложено во април, но и натаму претставува значително опаѓање, во споредба со 423-те напади во 2002-та.

Исправки се направени и во бројот на жртвите од терористичките напади. Сега се вели дека загинале 625 лица, што е значително повеќе од претходно објавената бројка - 307 загинати.

Претставници на Стејт департментот велат дека проблемите се јавиле делумно заради разликите меѓу Стејт департментот и меѓу-агенцискиот Информативен центар за терористичка закана, во дефинирањето на терористичките акти и временската рамка на извештајот.

Како последица на ова, во извештајот биле изоставени некои поголеми терористички напади кон крајот на 2003-та, вклучувајќи го жестокиот бомбашки напад во Турција при што загинаа преку 60 лица, а повеќе од 800 беа повредени.

Амбасадорот во Стејт департментот задолжен за борба против тероризмот, Кофер Блек, кој за оригиниланиот извештај кажа дека содржи добри вести, рече дека тој и негоците соработници требало да ги забележат грешките пред објавувањето на тој извештај.

“Сакам да бидам јасен. Ние овде во канцеларијата за контра-тероризам и јас лично, требаше да ги откриеме грешките пред да ги објавиме. Но ве уверувам вас и американскиот народ, дека пропустите во „Динамиката на тероризмот“, се чесни грешки и секако ненамерни, што е спротивно на некои шпекулации“, изјави господинот Блек.

Но исправките во извештајот не ја запреа и критиката кон администрацијата на претседателот Буш за тоа како се справува со ова прашање. Портпаролот на најверојатниот претседателски кандидат од Демократската партија, Џон Кери, изјави дека новата верзија на извештајот е уште еден пример дека актуелната влада се обидува да го преувеличи успехот во борбата против тероризмот.

XS
SM
MD
LG