Линкови за пристапност

Неџат Даци: Косовските власти не поддржуваат екстремизам во Македонија - 2004-06-22


Спикерот на косовското собрание вели дека најголем неуспех на мисијата на ОН на Косово и на косовското раководство е што не успеале да ги реактивираат огромните природни и човечки ресурси за да заживее косовската економија.

Г-динот Даци кажа дека косовските лидери се залагаат за промена на улогата на ОН од административна во мониторинг и советодавна, како и за намалување на бројноста на мисијата. Тој предлага да се задржат само добрите професионалци кои ќе му помогнеле на Косово да создаде демократија и да го обедини населението. Од друга страна, господинот Даци вели дека присуството на НАТО во покраината е потребно и натаму, како симбол на одржување на слободата и мирот на Балканот и регионот. Тој ја гледа потребата и за задржување на мисијата на ОБСЕ, но не како дел на мисијата на ОН. Во обид да ги омекне овие изјави, Г-динот Даци додаде дека Косово не сака и не бара од никого да си замине, туку дека се залага за воспоставување нормален живот во покраината.

По прашање на криминалот, претседателот на косовското собрание кажа дека не верува во тврдењата на медиумите за постоење на голема стапка на криминални дејствија кога таму се присутни 40.000 НАТО трупи и голем број полициски сили на ОН.

Стратешка определба на раководството е жителите на Косово да бидат рамноправни во сите аспекти, рече господинот Даци. Иако, како што кажа, раководството не е најзадоволно ниту од сопствената работа, потребна е поголема соработка од страна на меѓународната заедница во решавањето на многубројните проблеми.

На нашето прашање за тоа како градењето демократија на Косово според него ќе влијае на стабилноста на Македонија, г-динот Даци вели:

„Во изминативе три години што се однесува до односите со соседна Македонија, Албанија и на некој начин со Црна Гора, успевме да создадеме мошне добри односи. Од сите нив, Македонија има приоритет, Македонија е млада демократија и сакаме таа да успее. Ја поддржуваме македонската влада и работата што таа коалиција ја врши во Македонија. Се трудиме да постигнеме договор за слободна трговија и се надевам дека тоа набрзо ќе се случи. Во моментов немаме поголеми проблеми со оваа земја“, рече тој.

Г-динот Даци додаде дека косовското раководство не поддржува никаков екстремизам во Македонија и се залага Македанија да биде економски стабилна и политички независна земја.

Што се однесува до конечниот статус на Косово, г-динот Даци кажа дека косовското раководство не сака да прогласи независност унилатерално, туку сака тоа да биде договорено на меѓународна основа. Работиме на тој план, кажа господинот Неџат Даци, но ако до договор не дојде, тогаш ќе мора судбината да ја земеме во свои раце за „да ја задоволиме повеќедецениската борба на населението на Косово за слобода и демократија и независност“.

XS
SM
MD
LG