Линкови за пристапност

Шоу бизнисот во кампања за отпишување на долговите на најсиромашните земји во светот - 2004-06-22


Во 90-те беше јасно дека многу од најсиромашните земји во светот нема да можат да ги платат нивните огромни меѓународни долгови. Во 1996 година најбогатите земји ја започнаа Иницијативата за отпишување на дел од долговите на сиромашните земји. Сега застапниците на таа идеја бараат од богатите земји да им ги отпишат сите долгови на најсиромашните држави во светот.

Боно е познат како пејач на ирската рок група Ју-ту.

Последниве години тој се бори за каузата за ослободување од долгови на најсиромашните африкански земји. Во мај тој пред поткомисијата во американскиот Сенат зборуваше за тоа како 27 земји ги трошат парите откако САД им го отпишале долгот.

“Со тие пари тие постигнаа одлични резултати. Три пати повеќе деца во Уганда одат на училиште – што е навистина прекрасно. Се прават резервоари за вода од парите ослободени со отпишувањето на долговите“, вели тој.

Програмата за која говори Боно е позната како Иницијатива за ослободување од долгови на најзадолжените сиромашни земји, со која 27 од најсиромашните земји во светот беа ослободени од долгови во висина од милијарди долари. Со тоа, милијарда долари годишно што биле долг на овие земји се користат за образование и здравствена заштита.

Според Мари Кларк, националниот координатор за Jubilee U-S-A Network, организација која е посветена на ослободување од долгови на најсиромашните земји, овие држави покажале дека можат умно да ги користат парите што инаку би требало да одат за отплаќање на долговите.

Британската влада бара од развиените држави да размислат за 100-процентно отпишување на долговите за некои од најсиромашните, план што Американците го поддржуваат. Меѓутоа тие не успеаја да ги убедат другите развиени земји на самитот на Г-8 што се одржа овој месец во Џорџија. Наместо тоа, Г-8 ја продолжија Програмата за долговите на уште две години и им дадоа упатства на своите министри за финансии да разгледаат натамошни измени. Мари Кларк е убедена дека на овие земји им е потребно потполно ослободување од долговите.

„Особено е важно да се премине од зборови на дела, од реторика кон процес и планови затоа што се наоѓаме во критичен момент, не само кога се во прашање долговите, туку и во смисла на здравствената криза во овие земји“,вели таа.

Други, пак, сметаат дека обидите за отпишување на сите долгови на сиромашните земји се погрешни. Мартин Гилман, помошник директор во политичкиот оддел на Меѓународниот монетарен фонд, вели дека тоа не е добра идеја затоа што создава поголеми проблеми за сиромашните земји.

„Ако едноставно го избришете долгот тогаш испраќате сигнал дека договорите немаат значење кога не можете да платите. Тоа не е начин да се охрабрат стопанствениците и инвеститорите во овие економии“,смета тој.

Без приватни инвестиции, вели Мартин Гилман, сиромашните земји и натаму ќе зависат од странска помош и заеми од владата. На тој начин настанале проблемите.

„Ако сега им ги отпишете сите долгови, претпоставувајќи дека тоа може да се стори политички, што ќе се случи следниот месец, следната година, по пет години? Кој ќе биде новиот извор на средства? Од каде ќе доаѓаат? Ако кредиторите не бидат исплатени, што ќе ги поттикне да обезбедат нови средства?“, додава тој.

Џон Вилијамсон, висок соработник на Институтот за меѓународна економија, вели дека ослободувањето од долгови како што се спроведува сега, може да ги обесхрабри реформите. Државите кои се залагаат за економска политика не добиваат ништо од тоа.

Пејачот Боно и групите како Jubilee USA велат дека поентата е во нешто друго. Државите кои се притиснати со огромни долгови кон странство помалку трошат на социјалните програми и нивните сиромашни жители поверојатно ќе се свртат кон екстремизмот. Тие велат дека најбогатите земји во светот го игнорираат овој факт на сопствена штета.

XS
SM
MD
LG