Линкови за пристапност

Грција бара од Лондон да ги вратат мермерните скулптури од Партенонот - 2004-06-22


Како што наближува почетокот на Олимпијадата во Атина, во фокусот на вниманието повторно е тековната кампања на грчката влада за враќање на античките скулптури што се наоѓаат во Британскиот музеј.

Двајца посетители во Британскиот музеј разговараат за контроверзата, до самиот влез на салата каде што овие скулптури се изложени. „Мислам дека е извонредно што можат да се видат тука. Мислам дека тука доаѓаат голем број луѓе за да ги видат. Доколку бев Гркинка, немаше да бидам среќна што морам да одам дури во Лондон за да ги видам“.

„Мислам дека не треба да им бидат вратени, бидејќи доколку не сме ги зеле, тие веројатно досега ќе беа уништени“.

Овие и други посетители на Британскиот музеј имаат можност да им се восхитуваат на скулптурите, познати како Мермерните скулптури на Елгин. Тие биле земени од Партенонот во Атина пред 200 години од страна на британскиот дипломат Томас Брус, познат како Лорд Елгин.

Британскиот музеј поседува половина од оригиналната декоративна група скулптури кои го опкружувале Партенон. Грција го има најголемиот дел од остатокот, додека некои парчиња се наоѓаат во неколку други музеи во светот.

Грција сака да ја собере колекцијата и да ја изложи во новиот музеј изграден во близина на остатоците од Партенонот. Грчката влада се надеваше дека ќе ги добие мермерните скулптури за време на Олимпијадата, но тоа сега се чини невозможно, имајќи предвид дека Олмписките игри треба да започнат за неполни два месеци.

Организацијата наречена Обединување на мермерните скулптури со седиште во Лондон предлага Британскиот музеј да и ги позајми скулптурите на Грција на подолг период.

Но портпаролот на Британскиот музеј, Џоана Макл вели дека предлогот не е онаков каков што изгледа.

„Кога се употребува зборот „позајмување“, тој збор го нема значењето што сите ние можеби го подразбираме. Позајмувањето подразбира дека нешто се дава и треба да биде вратено. Но она што всушност од нас е побарано преку медиумите и по политички канали е трајно отстранување на скулптурите, засекогаш, и тие никогаш да не бидат вратени во Лондон. Тоа не е основа за никаква дискусија“, вели таа.

Портпаролот на Грчката амбасада во Лондон, Никос Пападакис вели дека сите мермерни скулптури треба да се соберат на едно место од каде што и потекнуваат. Тој вели дека новиот музеј во Атина ќе ги изложи во галеријата која гледа на остатоците од Партенонот.

„Каде најдобро ќе можат да се видат? Каде најдобро ќе биде согледана нивната вредност ? Без сомнение најдобро место за нив, да бидат видени и доживеани, е Атина. Мислам дека мермерните скулптури не можат правилно да се доживеат во ваква полумрачна голема просторија во Лондон со вакво осветлување. Скулптурите не биле направени за ваква средина. Затоа, мермерните скулптури треба да бидат вратени ако не заради друго тогаш од таа причина, бидејќи уверен сум дека и туристите и студентите и професорите ќе можат подобро и попрецизно да ја сфатат нивната вредност во вистински контекст. И тоа е нашиот аргумент“, вели тој.

Во Британскиот музеј мермерните скулптури на Елгин се поставени покрај ѕидовите на долга правоаголна соба со висок таван и светло кое наликува на дневна светлина. Скулптурите се поставени пред ѕидови на кои се прикажани сцени од грчката митологија.

Случајот со мермерните скулптури на Елгин е еден од многуте спорови во светот за сопственост на уметнички дела. На пример, египетската влада бара од Британскиот музеј да ја врати два века старата камена розета и музејската колекција на египетски мумии.

На Универзитетскиот колеџ во Лондон, професорот Емеритус Норман Палмер предава право на уметничка и културна сопственост. Тој вели дека споровите за уметничка сопственост би можеле да ги поттикнат музеите објективно да гледаат на нивните колекции и да одредат кои се вистинските сопственици.

„Независно од кои причини, мислам дека во оваа и во другите земји постои разбудена свест. Музеите во некои случаи започнуваат да ги враќаат делата. На пример, неколку вакви случаи имавме во САД. И мислам дека е добро што овие прашања се отворија и оти политиката е поискрена и поотворена“, вели тој.

Професорот Палмер вели дека споровите за сопственост на уметнички дела се многи тешки за решавање, бидејќи бараат пребарување во минатото за да се види дали до тие дела е дојдено по легален пат.

Во случајот со мермерните статуи на Елгин, британскиот музеј вели дека Лордот Елгин добил дозвола да ги земе. Грчката влада тврди дека незаконски биле одземени.

Иднината на мермерните статуи на Елгин е исто толку непозната како и минатото, додека дебатата меѓу владите, музеите и групите за заштита и посетителите на Британскиот музеј, продолжува.

XS
SM
MD
LG