Линкови за пристапност

Нобеловецот Ели Визел побара забрана на антисемитизмот - 2004-06-22


Во страстен говор, г-динот Визел рече дека мислел оти антисемитизмот ќе исчезне 60 години по нацистичкиот холокауст. Но, на изненадување, рече тој, нападите врз Евреите и натаму се честа појава во Европа.

„Не поминува недела, а понекогаш и ден без да се случи антисемитистички инцидент во Европа. Еден млад Израелец кој бил во посета на Берлин вчера бил нападнат на улица среде ден. Минатата недела еден млад еврејски студент бил избоден во Париз среде ден. Голем број Евреи во Европа во доверба ми кажаа дека живеат во страв“, кажа тој.

Г-динот Визел кој го преживеал Холокаустот и е добитник на Нобеловата награда за мир, кажа дека подемот на антисемитизмот е особено вознемирувачки во исламскиот свет. Тој остро ги критикуваше телевизиските станици во муслиманските држави за, како што го нарече, „невидено преувеличување на нештата“ што поттикнува омраза кон еврејскиот народ.

Неколкумина говорници на конференцијата рекоа дека како израз на искреноста на светското тело потребно е донесување на резолуција на Генералното собрание за осуда на антисемитизмот. Ова тело што го сочинуваат 191 земја досега ги отфрлаше ваквите барања. Г-динот Визел отиде чекор напред, повикувајќи ја меѓународната заедница да го забрани антисемитизмот.

„Бараме од лидерите во светот да ја исполнат својата мисија и да ја употребат својата политичка власт и својот морал и да ја забранат чумата, зашто антисемитизмот е токму тоа“, побара тој.

Во своето обраќање на конференцијата, генералниот секретар Анан го повтори своето жалење во врска со резолуцијата на Генералното собрание од 1975 година со која ционизмот се изедначува со расизам. Оваа резолуција е отповикана.

Г-динот Анан кој беше гласноговорник за отповикување на резолуцијата за ционизмот, побара обновување на ветувањето за заедничка соработка на една од главните идеи на кои се темели светското тело: практикување на толеранција.

„Ниту еден муслиман, евреин, христијанин, индус или будист, ниту еден вистински приврзаник на принципите на која и да е религија во светот, ниту еден кој поседува културен, национален или верски идентитет базиран на вредностите како што се вистината, чесноста и праведноста, не може да биде неутрален во борбата против нетолеранцијата“, истакна г-динот Анан.

Оваа конференција за антисемитизмот е прва од серијата семинари за потиснување на нетолеранцијата. Втората средба, посветена на исламофобијата е закажана за почетокот на следната година.

XS
SM
MD
LG