Линкови за пристапност

Бил Клинтон вели дека најлош ден за време на функцијата во Белата куќа бил оној кога и кажал на неговата сопруга за аферата со Левински - 2004-06-21


Во интервјуто за Си-Би-Ес, што опфаќа ширoк спектар прашања за неговиот приватен живот и претседателствувањето, Бил Клинтон ги објаснува причините за секс-скандалот со стажантката во Белата куќа Моника Левински во 1996 и 1997 година.

„Сметам дека тоа го сторив од најлошата причина, а тоа е зато што можев. Мисам дека тоа е морално најнеоправданата причина за да се направи било што, да направиш нешто само затоа што можеш“, изјави Клинтон.

На почетокот, г-динот Клинтон лажеше за случајот. Тоа резултираше со постапка за отповикување на г-динот Клинтон од функцијата во Претставничкиот дом, но во судскиот процес пред Сенатот таа одлука не беше поддржана.

Сепак, г-динот Клинтон вели дека најтешкиот момент сепак бил во август 1998 година кога требало на својата сопруга Хилари да и ја каже вистината за аферата.

„Таа ноќ не можев да заспијам, ја разбудив неа, седнавме на креветот и едноставно и кажав. Тоа беше ужасно, но морав да го сторам тоа“

Во својата автобиографска книга насловена како „Мојот живот“, г-динот Клинтон пишува дека неговата сопруга реагирала како да добила удар во стомакот.

Бил Клинтон за Си Би Ес изјави дека и покрај грешките во приватниот живот, кои направиле тој да биде вториот отповикан американски претседател во историјата, тој на тоа секогаш ќе гледа како почесен медал.

„Секогаш ќе жалам за грешката што ја сторив. Но секогаш ќе бидам горд што кога беше покрената постапка за отповикување, јас не се откажав, никогаш не помислував на оставка, туку се соочив со тоа и победив. За мене, целата таа битка беше за одбрана на честа. На тоа не гледам како на флека, зашто беше незаконско“, истакнува Клинтон.

Во однос на неговите достигнувања на претседателската функција, поранешниот претседател вели дека најмногу е горд на неговата економска политика, која придонесе за отворање на 22 милиони работни места во текот на 8 годишниот мандат.

А како разочарување, тој го наведува неговиот неуспешен обид за проширување на бенефииците на здравствената заштита и поддршката на пензискиот систем за социјална заштита.

Но тој рече дека разочарувања имало и во надворешната политика.

„Во однос на меѓународните прашања, жалам што не успев да го фатам Осама бин Ладен и подеднакво жалам што не успеав да ги убедам Израелците и Палестинците да се помират“.

Побарувачката за книгата на Бил Клинтон е голема и таа може уште повеќе да се зголеми за време на промотивната турнеја низ целата земја. Но таа веќе се соочува со првите критики, меѓу кои и рецензијата во Њујорк Тајмс, во која таа се опишува како „непрецизна, во сопствена корист и ... здодевна“.

XS
SM
MD
LG