Линкови за пристапност

Ирачаните и американските претставници се подготовуваат за транзицијата на власта во Ирак  - 2004-06-21


„Не сметатјте го 1 јули како ден на независноста. Тоа е само симболично“.

Ова го вели ирачкот активист за човекови права Гасан ал-Атијах. За него предавањето на власта на Ирачаните не значи и прекинување на стратешкиот брак меѓу ирачката привремена влада и Вашингтон.

Но имајќи ги предвид најновите истражувања на јавното мислење, девет од десетмина Ирачани не и веруваат на коалицијата под американско раководство, г-динот Ал Атијах вели дека обете страни треба да се прилагодат на односите. Тој вели дека на Ирак му е потребна американска помош, а не американска доминација.

„Тие знаат дека мора да ја ревидираат својата политика. И ние Ирачаните направивме грешки. Потребно е да се договориме и да продолжиме заеднички да работиме. Нам САД ни се потребни. Потребна ни е нивната помош и сега и во иднина, како партнер, како обезбедувач на многу нешта, но не како замена за власта во нашата земја“, вели Ал Атијах.

Со ова се согласува претставникот на Стејт Департментот Френк Рикардоне, кој е одговорен за координација на транзицијата од американска страна, вклучувајќи го и изборот на персоналот за она што ќе биде најголемата американска амбасада во светот.

„Сакаме Ирачаните да знаат дека ние сме навистина сериозни во тоа. Ние веќе нема да управуваме со земјата. Не можеме, ниту ќе го правиме тоа“.

Г-динот Рикардоне вели дека американската влада ќе обезбеди советници и се друго што ќе побара Ирак, на истиот начин како што се работи со амбасадите во други држави.

Но тој признава дека американските дипломати исто така ќе треба да го поправат својот нарушен имиџ како резултат на окупацијата од страна на коалицијата под американско раководство.

„Тоа ќе биде обврска за нас како Американска дипломатска мисија таму, да најдеме начин да му објасниме на ирачкиот народ, на поединечно и глобално ниво, секојдневно, дека ние сме гости во таа земја“, вели г-динот Рикардоне.

Во неодамнешниот говор за трансферот на власта, претседателот Буш наведе пет чекори кои Вашингтон треба да ги преземе за обезбедување демократска транзиција во Ирак.

„Ние ќе ја предадеме власта на суверена ирачка влада, ќе помогнеме за воспоставување безбедност, ќе продолжиме со обнова на инфраструктурата во Ирак, ќе поттикнеме поголема меѓународна поддршка и ќе работиме во насока на одржување на избори од кои ќе произлезат нови лидери што ќе добијат овластување од ирачкиот народ“, истакнува претседателот Буш.

За ирачкиот бизнисмен Рубар Санди, главна грижа е безбедноста. Без неа, вели тој, странските компании не сакаат да инвестираат во иднината на Ирак. Исто како и Ирачаните.

Но, тој не очекува наскоро да запрат нападите врз владини претставници, нафтоводи, енергетски капацитети, центри за полициска обука и странски работници.

„Во овој момент не очекувам подобрување. Би можело да биде полошо за да се покаже дека лошите момчиња се таму. Тоа не е магично стапче, ниту клуч со кој веднаш ќе се отвори нова врата“, изјави г-динот Санди.

Координаторот за транзиција во Стејт Департментот Френк Рикардоне вели дека најголем дел од американската помош во текот на транзицијата ќе биде фокусирана на ирачката безбедност.

„Тоа значи не само добра обука, туку и обука на државни граничари, обука на армијата, сфаќање на суштината на националната безбедност. Не се работи за заштита на диктатор или на поединец, кој ќе ја има сета власт. Се работи за заштита на државата, на уставот и на народот“.

Биснисменот Рубар Санди ја потенцира потребата од отворање работни места и создавање стабилни услови за стопанисување.

„Луѓето почнуваат да ја сфаќаат и да ја прифаќаат својата одговорност за обнова на земјата. Американците ги ослободија. Сега останува на Ирачаните да ја обноват својата земја“, вели Санди.

Г-динот Рикардоне вели дека американската администрација, како и другите странски трговски партнери ќе бидат таму за да помогнат, но не за да ги контролираат странските бизнис договори.

Сепак најголем дел од Ирачаните очекуваат влијанието на американската администрација да продолжи и по предавањето на власта на 1 јули. Аналитичарите од Блискиот исток посочуваат дека Американската влада работи на Ирак како на потенцијален модел за демократски реформи и нема да дозволи тој да пропадне.

XS
SM
MD
LG