Линкови за пристапност

Анан против имунитетот на американските војници пред Меѓународниот кривичен суд - 2004-06-18


Генералниот секретар остро ги критикуваше САД затоа што бараат продолжување на имунитетот на американските мировници од Меѓународниот кривичен суд.

Тој истакна дека е против актот на Советот за безбедност со кој во последните две години се изземаат од прогон. Но тој кажа дека особено би било лошо да се врши притисок за ново продолжување на имунитетот со оглед на малтретирањето на затворениците во Ирак.

“Мислам дека во овие околности нема да биде мудро да се врши притисок за продолжување, а уште повеќе не би било мудро Советот за безбедност тоа да го одобри. Тоа би го дискредитирало Советот и ОН кои се залагаат за примена на законите и за приоритет на владеењето на законите“, изјави господинот Анан.

Кога еден новинар го праша дали случајот со малтретирањето на затворениците е под јурисдикција на Меѓународниот кривичен суд, господинот Анан рече “не“.

“Не го велам тоа. Она што сакам да го кажам е дека ова бланко изземање е погрешно. Има сомнителна правна вредност и мислам дека Советот не треба да го поттикнува“, рече генералниот секретар на ОН.

Администрацијата на Буш минатиот месец предложи резолуција со која трета година по ред се бара имунитет за американската армија и цивилниот персонал што е вклучен во операциите одобрени од ОН.

Рик Гренел, портпарол на американската мисија во ОН, кажа дека Меѓународниот кривичен суд во основа има недостатоци. Тој рече дека барањето за имунитет за американските мировници воопшто не значи дека нема определба судски да се гонат обвинетите за малтретирањата во затворот.

Пред две години Советот за безбедност едногласно одобри изземање во рок од една година, откако администрацијата на Буш се закани дека ќе се повлече од мировните мисии на ОН. Советот минатата година го продолжи имунитетот, но три држави, Франција, Германија и Сирија се воздржаа од гласање.

Оваа година, дипломатите во Советот за безбедност велат дека најмалку шест, а можеби и седум членки од вкупно 15, планираат да се воздржат од гласање, со што е загрозен минимумот од девет гласови потребен за одобрување.

Но како што оваа недела еден американски официјален претставник самоуверено предвиде, оваа мерка ќе биде усвоена. Се очекува да биде презентирана пред Советот кон крајот на идната недела.

Сегашното изземање на американските војници од Меѓународниот кривичен суд истекува на 30 јуни.

XS
SM
MD
LG