Линкови за пристапност

Буш: Не сме кажале дека нападите на 11 септември биле договорени меѓу Хусеин и Ал каида - 2004-06-17


Додека продолжува насилството во Багдад, господинот Буш се обиде вниманието да го задржи на долгорочна цел.

„Ирак ќе биде слободен, а слободен Ирак е од наш национален интерес“, рече г-динот Буш.

Зборувајќи пред новинарите по средбата со неговиот кабинет, г-динот Буш кажа дека слободен Ирак ќе придонесе за поголем мир во светот. Иако директно не ги спомена најновите самоубиствени напади во Багдад што само во еден ден однесоа десетици жртви, јасно беше што сака да каже.

„Сосема ни е јасно дека терористите ќе се обидат да ја поколебаат нашата волја, ќе се обидат да ја удрат нашата доверба, ќе се обидат да не натераат да се повлечеме од определбите што сме ги дале во земјите како Авганистан и Ирак. Нема да успеат во тоа“, додаде тој.

Оваа изјава доаѓа во време кога Белата куќа се справува со уште еден наводен предизвик за рационалноста за отпочнување на војната во Ирак.

Во извештајот на независната комисија која води истрага за терористичките напади врз САД во 2001-та година, објавен во средата, се вели дека не постојат докази на тврдењата за поврзаност меѓу терористичката мрежа Ал-Каида и Садам Хусеин.

На прашањето за коментар по извештајот, претседателот Буш одговори дека никогаш не споменал директна поврзаност меѓу соборениот ирачки лидер и нападите од 11-ти септември. Тој сепак и натаму стои на ставот дека Садам Хусеин бил поврзан со терористите.

„Оваа администрација никогаш не кажала дека нападите од 11 септември биле договарани меѓу Садам и Ал-Каида. Сме кажале дека постоеле бројни контакти меѓу Садам Хусеин и Ал-Каида“, рече тој.

Претходно, портпаролот на Белата куќа, Скот Меклилан рече дека наоѓањата на комисјата се во согласност со ставовите на администрацијата. Тој кажа и дека поврзаноста на Хусеин со тероризмот била долгорочна и добро позната, подвлекувајќи дека поранешниот ирачки режим обезбедувал засолниште за терористите и ги поддржувал бомбашите самоубијци, и имал контакти со терористички групи на високо ниво.

XS
SM
MD
LG