Линкови за пристапност

Американските законодавци ќе ја разгледаат идејата за можни промени во емиграционата политика на САД - 2004-06-16


Во изминатава деценија на имиграцијата во САД отпаѓаше околу една третина од порастот на населението во САД и речиси половина од порастот на работоспособното население во земјата.

Поранешниот комесар за имиграциони прашања, Дорис Меиснер не е изнедадена.

„Промените се дека ние сме земја која старее, имаме се помалку работоспособно население, како резултат на родените деца на имигрантите во споредба со децата на американските државјани. Бројките се мошне драматични. 50 проценти од порастот на работоспособното население во 90-те години во САД беше како резултат на емигрантите. И тоа се случуваше паралелно со најдолго одржаниот економски развој во нашата историја“, вели таа.

Извештајот на чикашкиот Совет за односи со странство е фокусиран на американскиот Среден запад. Во тој регион има 12 федерални држави, а имигрантите сочинуваат 85 проценти од порастот на бројот на работоспоспособното население во изминатата деценија.

Алеханро Силва е член на Советот. Тој е имигрант од Мексико и објаснува зошто е земен предвид токму овој дел на САД, а не источното или западното крајбрежје.

„Имиграцијата создава богатство и растеж. На тоа сум сведок од година во година. На Средниот запад, да не беше доселувањето на новите имигранти, немаше да има таков растеж каков што има денес“, истакнува господинот Силва.

Тој вели дека компаниите за преработка на храна, како и многу други фабрики, зависат од работата на емигрантите, а како и останатите американски работодавци, и тие мораат да се справат со комплексното прашање на илегаланата имиграција.

Дорис Меиснер вели дека САД мора да сторат повеќе за да го контролираат приливот на илегални имигрантите со зајакнување на граничната безбедност.

„Имиграцијата е важна предност за САД, така што ова треба да го изведеме правилно и тоа преку, според нас, мошне интензивно фокусирање на добра и посилна контрола на границите, на доброто разузнавање и споделување на информациите во рамки на меѓуародната соработка, особено на агенциите за спроведување на законот“, вели тој.

Сепак, чикашкиот Совет за односи со странство гледа неповрзаност меѓу реалноста и имиграционите закони донесени по терористичките напади врз САД во 2001-та.

Г-динот Силва вели дека заострените безбедносни закони честопати придонесуваат очајните имигранти да преземаат поголеми ризици за да дојдат во САД.

„Тоа е закон што секојдневно се прекршува. Сите го знаат тоа, а Владата не изгледа дека се соочува со реалноста, а реалноста е постоење на систем што не функционира“, изјави Силва.

Извештајот повикува на подобра рамнотежа меѓу законите фокусирани на безбедноста и на оние чија цел е легалната интеграција. Се повикува и на поструктурни привремени програми за работниците и поинвентивни иницијативи за обука за да се задоволат идните потреби на пазарот на работна сила.

Дорис Меиснер вели дека извештајот предупредува на преземање на безбедносни мерки кои нечесно целат или обесхрабруваат национални групи да не мигрираат во САД.

„Сосема е легитимно за нас да знаеме кој влегува и излегува од земјата, но во исто време, за нас е сосема јасно дека не треба да се издвојува одредена национална група и да се одбива да доаѓа во САД или луѓе од Блискиот Исток или од арапските земји. Можете да имате здрав имиграционен систем, да ги третирате луѓето од кој било дел од светот чесно и врз тоа е базирано и владеењето на правото во САД, а од друга страна и натаму да ја јакнете безбедноста“, посочува госпоѓа Меиснер.

Овој извештај на Советот за односи со странство од Чикаго ќе биде доставен до американските законодавци кои ќе ја разгледаат идејата за можни промени во емиграционата политика на САД.

XS
SM
MD
LG