Линкови за пристапност

Американски научници за климатски промени загрижени заради незаинтересираност на јавноста и политичките партии во САД за заканата од глобалното затоплување  - 2004-06-16


Истражувачите на вчерашниот состанок за климатските промени во Вашингтон предупредија дека и покрај недоволните сознанија, доволно познато е дека глобалното затоплување предизвикува огромна загриженост и иницира акција. Тие посочуваат дека топењето на поларните мразови предизвикуваат пораст на нивоата на водата во морињата, пролетта сега доаѓа порано одошто во минатото, а растенијата и животните се селат кон север.

Научникот од Универзитетот во Вашингтон Дејвид Батисти вели дека актуелните трендови на испуштање на фосилните гасови, како бензинот и јагленот индицираат дека нивата на јаглерод двооксид во атмосферата ќе се зголемат за три пат во следните 150 години, со што ќе ја згуснат обвивката од гасови околу Земјата, со што се создава ефектот на стаклена градина.

„Тоа ќе биде многу различен свет и многу потопол свет и има причини да се верува дека предвидувањата според моделите со кои сега располагаме всушност значат потценување на овие промени“, господинот Батисти.

Консензусот меѓу научниците на меѓународно ниво е постигнат врз основа на проценките на ОН дека просечните глобални температури во изминатите децении пораснале помеѓу еден и половина целзиусов степен. Меѓувладината работна група на ОН за климатски промени предвидува дека до крајот на овој век тие ќе се зголемат од еден и пол до речиси шест степени.

Со Протоколот од Кјото 120 земји се заложуваат за намалување на емисијата на тнр. гасови што предизвикуваат ефект на стаклена градина, но претседателот Буш, непосредно по преземањето на функцијата во 2001 година ги повлече САД од Договорот. Советниците на претседателот, како што е Конрад Лотенбахер од американската Агенција за океани и атмосфера се сомнева во точноста на научните предвидувања.

„Никој во оваа земја не вели дека не треба да ги стабилизираме штетните гасови. Мислам дека, проблемот е во тоа колку брзо ќе се направи и какви меттоди ќе се користат за постигнување на целта? Треба да се знае малку повеќе за тоа што се случува на научната страна, пред да се донесе разумна одлука, каква политика да се преземе, бидејќи за многу од опциите се потребни, милијарди и трилиони долари на економска и социјална дислокација“, вели Лотенбахер.

Но експертите за климатски промени на средбата во Вашингтон посочија дека глобалното затоплување забележало напредок до оној степен кога, доколку сега се преземат корективни мерки, ќе бидат потребни повеќе децнии, а можеби и подолго за да се поправи нанесената штета. Дејвид Батисти вели дека дури и намалувањето на испуштањето на гасовите за 95 проценти, и натаму ќе доведе до двојно, па и тројно зголемување на нивото на јаглерод двооксид до почетокот на следниот век, но ќе спречи негово понатамошно зголемување.

Научникот од Универзитетот Харвард, Даниел Шраг вели дека ваквите мерки значат осигурителна полиса против катастрофа. Тој не верува дека администрацијата на Буш ќе преземе ваков чекор, но сепак остава простор за тоа, бидејќи како што вели ова е изборна година во САД.

„Мислам дека не треба да очекуваме оти ќе ја убедиме оваа администрација во следните неколку месеци да ја промени својата позиција. Сепак, мислам дека има некаква можност, доколку дојде до промена на власта“, вели Шраг. Научникот за животна средина од Универзитетот Принстон, Мајкл Опенхајмер вели дека и двете најголеми политички партии во САД лошо постапувале во однос на глобалното затоплување, но изрази надеж дека легислативата во федералните држави ќе иницира мерки на национално ниво. Притоа г-динот Опенхајмер посочува на предложените регулативи во најголемата американска федерална држава Калифорнија, за намалување на емисијата на издувни гасови од автомобилите за 30 проценти и за зголемување на цените на автомобилите кои трошат повеќе гориво за неколку стотици долари. Тој вели дека и другите држави исто така започнуваат со примена на позајакнати стандарди за испуштање на гасови.

XS
SM
MD
LG