Линкови за пристапност

Средба Буш-Карзаи - 2004-06-15


Трансферот на власта во Ирак ќе се случи за некоја недела, а претседателот Буш на Авганистан посочува како на модел. Тој вели дека таму е направен драматичен напредок, зборувајќи за Хамид Карзаи како за чесен, храбар и способен лидер.

„Авганистан не е повеќе терористичка фабрика која испраќа илјадници убијци во светот“, рече американскиот претседател.

Г-динот Буш кажа дека САД сакаат да му помогнат на Авганистан да напредува. За тоа безбедноста е клучна, вели тој.

„Силите на многу земји работат напорно со Авганистанците за да ги пронајдат и поразат остатоците на Талебан и да ги елиминираат терористите на Ал-Каида“, додаде тој.

Во Авганистан се распоредени околу 20.000 американски војници, а претседателот Буш вели дека Америка работи и на обезбедувањ помош за земјата во процесот на транзиција кон демократско општество.

На заедничката прес конференција со авганистанскиот лидер Карзаи, г-динот Буш соопшти пет нови иницијативи за помош на Авганистан, од обезбедување обука за новоизбраните политичари до модернизација на училиштата. Претседателот Буш кажа дека се проширени програмите за културна размена меѓу двете земји и дека се обезбедени поголеми средства за образование на жените и да им помогне да почнат мали бизниси. Тој го објави и почетокот на разговорите за склучување на договор за слободна трговија и инвестиции.

„Патот што му престои на Авганистан и натаму е долг и тежок, но авганистанскиот народ треба да знае дека неговата земја нема никогаш да биде препуштена на терористите и убијците“, рече тој.

Одговарајќи на прашањето зошто транзициониот период навидум се одвива мошне полесно во Авганистан во споредба со Ирак, претседателот Буш рече дека авганистанскиот народ работел на ова прашање подол период, но дека и на обете земји им престои уште многу работа.

„Тоа е тешка работа, навидум може да изгледа лесна, но не е. Затоа за нас е мошне важно пред авганистанскиот и ирачкиот народ да зборуваме јасно дека САД ќе им помогне, ќе остане и ќе им помогне да ја исполнат мисијата“, истакна г-динот Буш.

Авганистанскиот претседател се согласи велејќи дека неговата земја сега се опоравува од децениска репресија. Тој исто така ја бранеше одлуката за консултирање со локалните лидери кои имаат приватни војски, пред септемвриските избори.

„Моја должност е да ги одржувам стабилноста и мирот во Авганистан. Ќе разговарам со секој кој ќе дојде да разговара со мене во врска со тоа и за придвижување кон демократијата“,рече г-динот Карзаи.

Пред средбата со г-динот Буш во Белата куќа, г-динот Карзаи се обрати пред обата дома на американскиот Конгрес при што им се заблагодари на САД за нивната поддршка и се заложи за долгорочно партнерство со САД.

XS
SM
MD
LG