Линкови за пристапност

Вработените во њујоршката Статуа на слободата на анти-терористичка обука - 2004-06-15


Статуата на слободата, еден од најпознатите симболи на слободата во светот, од септември 2001 е затворена за посетители заради безбедносни причини и затоа што беа неопходни поправки. Но Националната служба за паркови планира ова лето повторно да го отвори објектот за псетители, а во подготовките за тоа вработените учат и како да реагираат во кризни ситуации.

Неколку десетици вработени во Националната служба за паркови кои работат во Статуата на слободата, се обучуваат како да го заштитат националното богатство во случај на несреќа или терористички напад. Во серијата вежби за итни случаи, тие се поделени во тимови за да увежбуваат како да гасат пожари.

„Повлечете, целите, стиснете и прскајте. Од кој правец му се приближуваме на огнот?“

Обуката предвидува и спасувачки операции, како и обновување на знаењата за прва помош. На една станица, доброволците учат како да спасат некого кој добил изгореници по телото во урната зграда. Кевин Морисеј ја објаснува методата.

„Можете да го сторите тоа со парчиња дрво, да го подигнете, да направите доволно простор и едноставно да ја извлечете жртвата. Тоа е стар едноставен метод. Се користел уште при изградба на пирамидите“,објаснува тој.

Некои од оние што се обучуваат се ренџери во парковите и нивната главна задача е да им ја објаснуваат на посетителите историјата на Статуата на слободата. Други, пак, продаваат храна и сувенири на тезгите.

Андреа Бони учествува во обуката и вели дека сега се чуствува повеќе подготвена.

„По 11 септември, како и другите Американци веројатно, се чуствував беспомошна за она што се случи. Но со оваа обука се чуствувам посамоуверена дека доколку нешто се случи, ќе можам да помогнам“,вели таа.

Безбедноста околу важните споменици е главна грижа на Националната служба за паркови и Статуата на слободата несомнено е најважниот симбол на американската слобода и демократија. Статуата се наоѓа во пристаништето на Њујорк во близина на Островот Ели, од каде во Њујорк пристигнувале милиони имигранти во изминатиот век.

Властите велат дека се прават многу подобрувања во и околу Статуата на слободата, меѓу кои обновување на системите за откривање пожар и на знаците за излез во итни случаи, а сето тоа со цел повторно да биде отворена внатрешноста на статуата висока 45 метри кон крајот на јули или во почетокот на август.

Капетанот Мартин Звег од американската полиција за паркови објаснува во што се состојат промените.

„Поделба на области заради јавна безбедност, системите за вода, камерите, различни скалила за излезите во итни случаи и такви работи. Статуата ќе биде многу побезбедна отколку пред 11 септември. Требаше да се направат многу работи и сега тоа е сторено“, смета г-динот Звег.

Френ Манела, кој раководи со Националната служба за паркови, вели дека обуката во случај на несреќа за вработените има за цел да ги надополни, а не да ги замени профсионалните спасувачки операции и набљудувањето што го спороведува полицијата.

„Оваа обука може да ги увери нашите посетители дека тука не е само нашата полиција од парковите за да ги заштити, туку исто така тука е и нашиот персонал, подготвен да помогне. Веројатно ова ќе биде едно од најбезбедните места во нашиот систем“,вели тој.

Претставниците на Националната служба за паркови велат дека на денот кога ќе биде отворена Статуата на слободата очекуваат околу милион посетители.

XS
SM
MD
LG