Врховниот суд реши да ја зачува референцата на Господ во патриотската заклетва позната како Заклетва на припадност. Следи извештај за случајот што предизвика национална дебата за уставната гаранција за одвојување на црквата од државата.
За сега заклетвата што секојдневно ја рецитираат милиони деца во училиштата останува непроменета.
"I pledge allegiance to the flag of the United States of America and to the republic for which it stands. One nation, under God, indivisible, with liberty and justice for all."
Делот во заклетвата што беше земен на разгледување е фразата, "Една нација, под Бога". Атеистот Мајкл Њудау поднесе приговор до федерален суд, тврдејќи дека неговата ќерка не би требало да ги кажува тие зборови зашто тоа е прекршување на уставната забрана владата да ја поддржува религијата.
Пониските судови се согласија со господинот Њудау. Но, Врховниот суд го одби предизвикот на заклетвата врз основа на фактот што тој е ангажиран во битка пред суд за старателство со мајката на неговата ќерка, што според мислењето на судот значи дека тој нема моќ на законски старател за да зборува во име на ќерката.
Највисокиот суд со тоа се извлече од случајот на споредна патека. Но аналитичарот Ендру Коен вели дека тоа наедно занчи оти Заклетвата за припадност останува каква што е.
„Тоа значи дека Заклетвата останува во сегашната форма и со зборовите – под Господ, во неа, и дека пресудата на понискиот суд е поништена. Така, тоа очигледно е победа за владата, иако заради техничка работа, и за оние кои сметаа дека Заклетвата не го прекршува принципот на одвоеност на црквата од државата“, вели тој.
Верските групи ја поздравија одлуката на судот. Конзервативната група за законодавство, Американскиот центар за право и правда, кажа дека судот го отстранил, како што велат, темниот облак од Заклетвата што на учениците им дава право да кажат дека слободите се дадени од Бога, а не од владата.
Атеистичките групи и други организации определени за држење на власта настрана од религијата се разочарани од пресудата. Бери Лин е претседател на групата наречена Обединети Американци за одвојување на црквата од државата.
„Многу сум разочаран што Врховниот суд избегна да постапи по витално уставно прашање и им дозволи на верските малцинства и на оние кои немаат верски убедувања во оваа земја да се чувствуваат како граѓани од втор ред кога се рецитира заклетвата за припадност на нивната држава“, додава тој.
Мајкл Њудау, човекот кој ја покрена постапката и се застапуваше самиот пред судот, вети дека ќе продолжи со битката, додавајќи дека Заклетвата и натаму е неуставна.