Линкови за пристапност

Карзаи: Локалните воени команданти се дел од авганистанската реалност - 2004-06-15


Привремениот авганистански претседател Хамид Карзаи ги брани политичките преговoри со некои од локалните команданти во неговата земја. Авганистанскиот лидер вели дека тие треба да бидат вклучени во политичкиот процес.

Привремениот претседател Хамид Карзаи вчера рече дека неговите контроверзни разговори со локалните команданти едноставно значат прифаќање на политичката реалност во Авганистан.

Во обраќањето во Центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон, г-динот Карзаи рече дека тој разговарал со политичките играчи кои имале улога во мировниот процес што започна со Договорот од Бон.

„Некои од овие луѓе за кои се вели дека се воени команданти всушност не се тоа. Тие се политички фигури. Тие беа дел од процесот од Бон. Тие ја имаа најзначајната функција во Авганистан. Тие имаат јавна политичка структура во Авганистан. Тие се дел од авганистанската реалност“, рече тој.

Сето она што го кажа г-динот Карзаи наводно се однесува на Бурханудин Рабани, поранешен претседател на Авганистан и некогашен лидер на една анти-советска група позната како „Муџахедин“.

Г-динот Карзаи неодамна се сретнал со г-динот Рабани и други поранешни лидери на „Муџахедин“ кои ја формираа вооружената „Северна Алијанса“, група од моќни регионални лидери со чија помош беше соборен Талебан во 2001 година. Според објавените извештаи, г-динот Карзаи преговараше за поддршката од нивна страна за неговата претседателска кандидатура на претстојните избори.

Разговорите беа осудени од страна на оние Авганистанци кои сметаат дека „Муџахедин“ е виновна за граѓанската војна која избувна по падот на комунистичката влада во 1992 година и заземањето на власта од страна на Талебан. Г-динот Карзаи рече дека нема да ги отфрли гаранциите за поддршка, негирајќи дека ги компромитирал принципите во полза на постигнување политички договори.

„Во демократските системи, доколку некој дојде и понуди гаранции дека нема да излезе со противкандидат на вашиот кандидат за претседател, дали кандидатот ќе им каже „не, не го прифаќаме тоа, одете и предложете кандидат?“ Се разбира дека не е во мој интерес да ми предложат противкандидат. Јас ќе кажам „Да, добредојдени сте, ајде да разговараме за тоа“. Но доколку тоа значи да се доведат во прашање принципите на кои ние ја темелиме иднината на Авганистан, тогаш - не“, додаде тој.

Тој исто така остро демантираше дека по изборите ќе се создаде коалициона влада.

Во септември во Авганистан треба да се одржат претседателски и парламентарни избори. Г-динот Карзаи рече дека тие ќе се одржат во предвидениот рок, и покрај загриженоста во врска со безбедноста и бавната регистрација на гласачите. Тој кажа дека до саботата, регистрирани се триипол милиони авганистански гласачи.

Претставници на ОН надлежни за надгледување на регистрацијата и гласањето, проценуваат дека според новите изборни закони, право на глас во Авганистан ќе имаат околу деветипол милиони луѓе.

XS
SM
MD
LG