Линкови за пристапност

Изборите за Европскиот парламент - тежок удар за Блер - 2004-06-14


Евро-скептичните британски гласачи ја шокираа владеачката Лабуристичка партија и опозиционата Конзервативна партија на изборите за членови на Европскиот парламент.

Резултатите фрлаат сенка врз напорите на премиерот Блер да го цементира односот на Британија со ЕУ, и тоа особено преку новиот устав на ЕУ. Тој планира да учествува на самитот на ЕУ во четврток, среде повиците на опозицијата да не го потпишува нацртот на документот имајќи ги предвид резултатите на изборите.

Лабуристичката партија на господинот Блер доби поддршка од само еден на петмина гласачи , што е најмала поддршка во кои било избори во изминативе 80 години. Конзервативната партија не помина многу подобро, добивајќи го гласот на секој четврти гласач, што е десет проценти намалување во однос на минатите избори во ЕУ, во 1999.

Независната партија на Британското кралство, која сака да ја извлече Британија од ЕУ, изненадувачки се пласира на третото место, веднаш зад Лабуристите и пред Либералните Демократи кои се за европската унија.

Лидерот на ЈУКИП Најџел Фараџ кажа дека најголемите партии се во расчекор со расположението на јавноста во ЕУ.

"Тоа што ние направивме е што им дозволивме на некои луѓе кои во изминативе десет години не учествувале во гласање, повторно да влезат во демократскиот процес. И денешната порака е дека целата политичка класа оди во една насока, а најголемото мнозинство обични Британци во друга.", смета господин Фараџ.

Лидерот на Лабуристичката партија , секретарот за здравство Џон Реид, за британското радио кажа дека е разочаран од резултатите и дека најголем дел од гласовите за ЈУКИП дошле од поддржувачи на Конзервативната партија.

"Мислам дека тоа беше особено катастрофална вечер во цела Европа“, изјави господинот Реид.

Ова беше втор изборен пораз за господинот Блер за четири дена. Во четвртокот неговата партија заврши трета на локалните избори, а најголем дел од гласачите му го свртеа грбот заради одлуката да ја поведе Британија во војна во Ирак.

Следните општи избори во Британија се планирани за околу една година.

XS
SM
MD
LG