Линкови за пристапност

Оддавање последна почит на Роналд Реган - 2004-06-11


Американците и луѓето во многу други земји жалат за поранешниот претседател Роналд Реган, кој почина на 5 јуни. Како што кажа претседателот Џорџ Буш, “Роналд Реган беше почитуван во Америка затоа што беше голем човек и го сакаа заради неговата добрина“.

„Тој зад себе остави земја што ја обнови и свет на кој му помогна да биде спасен. За време на годините на владеење на Роналд Реган, Америка ја напушти ерата на поделби и недостиг на самодоверба. Заради неговото лидерство, светот ја напушти ерата на страв и тиранија“, рече тој.

Кога Роналд Реган стапи на функцијата во 1981 година, стотици милиони луѓе од поранешниот Советски Сојуз и Источна Европа страдаа под комунистичко диктаторство. Целиот свет беше во опасност од агресивниот советски режим вооружен со илјадници парчиња нуклеарно оружје. Само една година претходно, Советите извршија инвазија на Авганистан. Во други земји, пак, фракциите потпомогнати од Советскиот Сојуз се обидуваа со сила да воспостават комунистички режими.

Претседателот Реган увиде дека САД и нивните сојузници треба да се спротивстават на оваа “зла империја“, како што ја нарекуваше. Господинот Реган го забрза зајакнувањето на армијата, што го иницираше неговиот претходник, претседателот Џими Картер. Но, тој исто така побара САД да развијат одбрана од советските балистички ракети или Иницијативата за стратешка одбрана. Кога тоа стана возможно по преземањето на власта од страна на Михаил Горбачов во 1985 година, господинот Реган започна преговори за намалување на оружјето со Советскиот Сојуз, што, меѓу другото, доведе и до спогодбата од 1987 година за елиминирање на нуклеарните проектили од краток и среден дострел во Европа.

Истовремено, претседателот Реган водеше кампања, што за прв пат беше објавена во 1982 во Лондон, за промоција на демократијата во светот. Во 1987-ма, тој појде во Берлин, кој од 1961 година беше поделен со грд ѕид меѓу комунистичкиот Исток и слободниот Запад. Во пораката упатена до советскиот лидер, претседателот Реган истакна, “ако сакате мир, ако сакате просперитет....господине Горбачов, урнете го овој ѕид“.

На 9 ноември 1989 година, или помалку од една година откако Роналд Реган замина од функцијата, Берлинскиот ѕид беше урнат. За неколку месеци беа соборени комунистичките режими низ Источна Европа. На крајот на 1991, се распадна и Советскиот Сојуз. “Злата империја“ замина во историјата.

Роналд Реган на една група студенти еднаш и раскажуваше за товарот, но и за задоволството да се биде претседател на САД. Тој кажа:

„Се́ што можам да ви кажам е дека кога се будам секое утро, му благодарам на Бога што ми ја дава можноста да служам“, рече тој.

На ова милионите Американци само можат да кажат, “Ви благодариме господине претседателе“.

XS
SM
MD
LG